Евроинтеграцијата во работата на дел од граѓанските организации

Пат кој се трасира со информации, но без меѓусебна координација

Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) кое годинава ја доби наградата на МЦМС за граѓанско општество и демократија за пос­тиг­нување во претходната година “Херт Јан ван Апел­дорн” е основано во 1991 година, од 1992 година е официјална членка на Меѓународното европско дви­жење во Брисел, а од 1993 година го има статусот на полноправна членка. Денес, во процесот на зголемување на бројот на граѓанските организации во Маке­донија кои работат на полето на евроинтеграциите, неговото искуство е од голема полза. Преставничката на тимот на Движењето, Лидија Неделковска, која, ме­ѓу другото, беше иницијатор и за покренување широка акција за координирање и поврзување на европските дви­жења од земјите на Југоисточна Европа и од­р­ж­ување состанок со нивните претседатели минатата година во Скопје, каде е оформен и документ циркулиран во јунскиот самит на ЕУ во Солун, потенцира дека дејствувањето на Движењето може да се подели на две фази. Првата фаза на ЕДРМ е поврзана со лоби-активностите на основачите, еминентни интелектуалци околу признавањето на Македонија, а втората од 1999 година до денес со приближување на европската идеја во Македонија, со афирмација на македонските постигнувања на европско ниво. “Две години по ред работиме и на реализирање на иницијативата за  информирање на граѓаните за европската институционална посветеност која не е позната во нашето образо­вание, при што минатата година со едукација на сред­ношколци опфативме 9 града, а годинава пла­нираме бројот да биде зголемен. Материјалот е прилагоден на наши услови, пре­да­вачите се постдипломци на Фи­лолошкиот факултет за евро­интеграции, а едукацијата се спроведува пре­ку општински и регионални кви­зови на знаење. Наша интенција е во средното образование да се воведе посебен предмет посве­тен на интеграциите во ЕУ. Европското движење работи и на едукација на  возрасни, преку програмата Темпус каде е вклучен Секторот за евроинтеграции и Правниот факултет преку формиран тим кој едуцира  5 про­фили на занимања: професори, државни служ­беници, европски ориентирани новинари и стопанстве­ници. Пре­да­вачите се од  Европскиот институт во Бриж и од Европ­скиот универзитет во Лондон,  обуката е бесплатна, а слу­шателите добиваат и сертификати. За идната година Неделковска најавува започ­ну­вање две­го­дишен проект преку програмата КАРДС за европеизација и јакнење на граѓанскиот сектор која ќе трае 20 месеци и преку различни активности ќе се реали­зира скоро во сите делови на Македонија. “Во интензивни подготовки сме да отвориме европски институт во соработка со делегацијата на Европската комисија. Во најголем број европски земји институтите се отво­рени под капа на Европското движење во матичната зем­ја и се дел од глобалната политика на Меѓу­народното европско движење” - истакнува Недел­ков­ска, споменувајќи де­ка нивната ориентација за работа е насочена кон младите како носители на идните промени и развој. Соработката со Секторот за евроинтеграции таа ја оцени како добра, без разлика на менувањето на владејачките гарнитури во изминатиот период, а како таква ја смета и соработката со Европ­ската комисија, но и со локалните власти. Европското дви­жење за Македонија ја реализира и Школата за по­литика, голем европски проект каде се инкорпорирани сод­р­жини од областа на економијата, политиката, миров­ните студии, човековите права, бизнисот и политиката.

Европска куќа

Во процесот на информирање и едукација на младите во Македонија за актуелните процеси на евроинтегра­цијата е вклучена и организацијата Европска куќа, фор­мирана во 1999 година, чиишто претставници, прет­седателот Зоран Димитров и генералниот секретар Тони Масевски, потенцираат дека нејзина идеја не е да работи на интеграциите во ЕУ како Сек­торот за евроинтеграции, туку со млади лу­ѓе да помогне онаму каде што државните институции не можат да го постигнат по­требното.  Поради тоа, активностите на Ев­ропска куќа првенствено се врзани за про­ектот “Европа во школо” започнат во 2002 го­дина, кој се вклопува во нивната интенција којашто е во согласност со Мла­динскиот форум на Централна и Источна Ев­ропа да се реализираат тематски и дол­го­рочни активности. “Европа во школо” се работи на годишна основа, но во Европа трае 50 години. Интенција е проектот на којшто работат да влезе во училиштата, за што се соработува со Министерството за обра­зование и наука и Бирото за развој. Ев­ропска куќа е задоволна од досегашниот тек на спроведувањето на тематските ликовни и литературни натпревари кои досега се реализирале во 10 средни училишта, со на­јава дека во фазата која следува бројот ќе се прошири на 100 училишта низ Маке­донија. Натпреварите се одвиваат на мај­чин јазик на ниво на училиште, а во национална конкуренција творбите се пре­ведуваат на македонски јазик. На членовите на Европска куќа им недостасуваат обуки за  активности поврзани со процесите во ЕУ, а сметаат дека  постои потреба владиниот сектор да одреди што во овој процес на интеграција во ЕУ треба да  работат ЗГ, а што Владата.

“Освен во Словенија, во ниедна земја граѓанскиот сектор не се третира како  партнер во процесот на интеграција во ЕУ” напоменуваат тие, и сметаат дека само со партнерски однос може да не се повторуваат исти активности и непотребно да се фрлаат пари. “Потребно е да се направи некое тело коешто ќе информира и координира, ќе врши  систематизација на работата на двата сектора, владиниот сектор и граѓанскиот сектор. Јавното мислење треба да се почитува, но и континуирано да се  информираат граѓаните што е ЕУ, кој е незјиниот процес на функционирање, кои се добрите, а кои лошите страни” – сметаат Димитров и Масевски. 

 

Македонски центар
за европско образование

И Македонскиот центар за европско образование со своето мото “Подгответе се за Европа” на прв поглед асоцира на неопходноста од информирање и едукација на широк профил на граѓани за различните аспекти од организираноста и функци­онирањето на ЕУ. Овој центар, основан во декември 2002 година, од група овластени обучувачи за прашањата на Европ­ската Унија, за своја мисија го смета  слу­жењето на јавниот интерес со афирмација на придобивките од интеграцијата во ЕУ преку обука, консултантски услуги и лобирање за промени. Тие развиле програма за европска обука која, како што потенцираат самите,  е изготвена да му помогне секому да напредува во својата кариера во јавната администрација, стопанството или поли­тиката, во медиумите и во граѓанското општество, што наедно треба да го олесни  процесот на европската интеграција во Македонија. Програмата ги пренесува основните принципи на европската интеграција, политиките и институциите на Европската Унија, Еко­ном­ската монетарна унија, правото на ев­ропските заедници, како и пристапот на Република Македонија кон овој процес.

За разлика од другите обучувачи од регионот, работата на македонските обучувачи е институционализирана, а процесот на едукација е поврзан со изработка на модули за обука, кои првично се изработени и пренесени од страна на експерти од странство, а подоцна и од самите членови на МЦЕТ, бидејќи, како што вели претседателката Лидија Димова, “наше е чувството што ни треба во Македонија, според тоа ги правиме модулите и им ги нудиме на корисниците”.

Во досегашниот процес на работа таа е задоволна од соработката со Секторот за евроинтеграции, за кој е врзана работата на заеднички работилници, но и му забележува за пролонгирањето на работилниците, што доведува до често ме­ну­вање на модулите. Оценувајќи го нивото на информираност на конзументите на обуките, таа вели дека на нашите  државни службеници им се потребни базични информации коишто им се нудат заедно со техничките информации што ги добиваат од експерти. “Обуките за нив ги нарачува Владата, а ние  оценуваме каков модул им е потребен”. За преставниците на институциите се организираат обуки со стандардни теми, кои се интегрирани во сите модули: политички и економски причини за европска интеграција, процесот на стабилизација и асоцијација, Спогодбата за стабилизација и асоцијација и програмата КАРДС, како и Европското партнерство. 

МЦЕТ работи и со ЗГ преку  бесплатни работилници кои се реализираат во ре­сур­сни­те центри на ФИООМ, при што ЗГ добиваат воведен модул со 10 области,  од поопшти информации, до оние кои го засегаат националното ниво. “Ин­фор­ми­раноста е лоша и кај преставниците на државните институции и кај граѓанскиот сектор, но мотивираноста на ЗГ е поголема.  Др­жав­ните службеници знаат нешто, но по­голем дел од тоа е погрешно, па е потребен поголем напор да се исправи грешката, а членовите на ЗГ кои доаѓаат на обуките се млади луѓе. Проблемот во врска со информираноста  лежи во Владата, во информациите од медиумите. И новинарите грешат во суштествените прашања поврзани со ЕУ, но с$ уште не пројавиле интерес за обука. “Ние сме здружение на граѓани кое нуди производи што можат да донесат финансиски средства, поради тоа и  странските консултантски фирми н$ зна­ат и н$ вклучуваат за да им испорачаме обу­ки  што можат да ги платат тие” - потен­цира Димова.

Планот на Македонскиот центар за едукација е за две до три години да има кон­султантска фирма за да може сегашната граѓанска организација да се занимава со  застапување, но и да се отворат кон други профили на обучувачи од правниот сектор, вна­трешниот пазар, комуникациите, др­жав­ната помош, царинската управа, животната средина,  културата, судовите,  внатрешната политика, индустриската сопственост и др.

Трите организации покриваат само мал дел од многуте постоечки и неопходни сегменти од актуелниот процес на интеграција во ЕУ, но она што во оваа фаза се покажува како проблем е фактот дека  тие  многу малку или воопшто не се меѓусебно  информирани за постоењето и работата на другиот. Меѓу­себната неинформираност како пречка, кога тогаш, ќе се појави, затоа што заедничкиот круг секојдневно им се зголемува.