ОСМИ МАРТ ПРОСЛАВЕН ВО СОБРАНИЕТО
Жените бараат и повеќе работни места
Жените да бидат на секое трето место на кандидатските листи, повеќе работни места за припадничките на понежниот пол, да се подобри степенот на образованието. Овие пораки жените симболично ги испратија од собраниската сала, каде се собраа токму на Меѓународниот празник на жената 8 Март и одржаа заедничка седница под наслов “Погледнете го Парламентот на 8 Март”. На собирот присуствуваа претставничките од Сојузот на организациите на жените на Македонија, од политичките партии, од бизнис-секторот, од владините институции и од меѓународните организации, а беа поздравени и од претседателот на Собранието, Љупчо Јордановски, кој ги поддржа во нивните барања. Наталија-Дрозд, заменик-амбасадор на ОБСЕ, апелираше до партиите сериозно да ги земат предвид барањата на жените за поголемо учество на кандидатските листи. Марина Миоска од Државниот завод за статистика предупреди на моменталната состојба со неписменоста кај жените. “Од вкупниот број неписмено население, или 3,6 отсто, 76 отсто се жени”, рече таа. Според неа, од активното женско население во 2004 година само 26 отсто биле вработени.
Проф. Јорде Јакимовски истакна дека жената има слаб пристап до економските ресурси и поголемо учество во неплатената работа.
Жените бараат работни места коишто се помалку платени, а често пати не се пријавени или, пак, работат со договор на дело.
|
|