Центар за психосоцијална поддршка и грижа за менталното здравје - Скопје
Компјутерите ја подобрија работата на социјалниот клуб
Центарот за психосоцијална поддршка и грижа за менталното здравје од Скопје како непрофитна и невладина организација е основан во 1998 година со дејствување фокусирано на пронаоѓање начини за превенција и унапредување на состојбата на менталното здравје кај човекот како биолошка, психолошка и социјална индивидуа. Тој им овозможува на заинтересираните граѓани на Македонија да го унапредат своето ефикасно функционирање од аспект на менталното здравје во врска со социјалните трендови на зголемен стрес, несоодветната лична информираност кон инструментите на социјална сигурност и нарушениот индивидуален систем на вредности.
Центарот реализира најширок спектар научно базирани проекти во полето на менталното здравје и менталната хигиена, а неговата целна група што ја сочинуваат лица од различна етничка припадност опфаќа деца/млади од повеќе општини на град Скопје, најчесто ученици во специјалните училишта како што е Домот за деца со воспитно-социјални проблеми „25 Мај”, како и млади кои го завршиле своето образование, од кои дел и работат.
Веќе шест години во склоп на Центарот работи и социјален клуб, наменет за лица со интелектуална попреченост во развојот и лица корисници на психијатриски услуги. Отворен е секој ден од понеделник до петок од 09 до 17 часот, а во него се реализираат обуки на компјутери, основен курс по англиски јазик, музикотерапија, ликовна терапија и психосоцијални работилници. „Годинава, со добивање на финансиската поддршка од страна на фондацијата 'Е-Македонија' за набавка на нова компјутерска опрема, подобрена е работната атмосферата во клубот. Од март кога е набавена и инсталирана опремата го надминавме постоечкиот проблем, 2-3 деца или млади со интелектуална попреченост во развојот истовремено да користат еден ист компјутер или да чекаат на ред за да можат да работат поединечно” - велат членовите на Центарот, кој се наоѓа на улица “Дичо Петров” бр. 7 во општината Кисела Вода, потенцирајќи дека благодарение на добиената опрема, само за три месеци е зголемен бројот на корисниците, според чиишто способности е прилагодена и компјутерската обука, наедно испреплетена со психосоцијални работилници од забавен карактер.
К.Б.
|
|