Регионална конференција на НВО во Охрид

Законската рамка задоволителна, спроведувањето споро

За проблемите со децентрализацијата, намалувањето на сиромаштијата, враќањето на раселените и за локалниот економски развој искуства разменија стотина претставници на граѓанскиот сектор, медиумите, деловниот сектор и експерти од Македонија, од Србија и од Косово, учесници на регионалната конференција што се одржа во Охрид од 6 до 9 јули.
Тие оценија дека регионот бележи напредок во споменатите сфери во однос на приспособување на законодавството кон европското, но сметаат дека заживувањето на законите е далеку од задоволително. За бавното напредување на регионот претставниците на граѓанските организации ја обвинија корупцијата, с$ уште централизираната свест на граѓаните, политичките манипулации, а многу често беше спомнуван и балканскиот менталитет.
„Треба да се бориме против манипулацијата со сиро­маштијата во кампањите на политичките партии, да се анимира деловниот сектор, кој засега е комплетно свртен кон профитот, а граѓанските организации да го засилат лобирањето кај владините институции. Кога сите актери на општественото живеење вистински ќе се заземат за намалување на сиромаштијата, нема да ни се случуваат апсурдни ситуации како што е оданочувањето на хуманитарната помош во Србија, на пример”, изјави Милан Младеновиќ од Едукацискиот центар од Лесковац. 

Како значаен проблем беше споменато и реинтегрирањето на раселените лица.

„Повратниците се борат со многу проблеми: тие немаат документи, ги имаат загубено имотот и домовите, тешко наоѓаат работа и тешко се ресоцијализираат во средината од која потекнуваат. Тие, практично, не се враќаат во местото од кое заминале, бидејќи соодносот меѓу етничките заедници во тие места најчесто е променет, враќањето е повторно шок каков што бил и заминувањето”, порача Елена Маниќ од Асоцијацијата на Обединети нации на Србија.

Со конференцијата заврши проектот „Градење на капацитетите на граѓанското општество во Србија, Косово и во Македонија”, кој во изминатите 18 месеци се реализира во регионот. Од Македонија во неа учествуваа Институтот за социолошки и политички правни истражувања и неваладината организација СУНА.

Н.Б.