ПОГЛЕДИ
    
 

Владимир Милчин
Записи од избезуменото секојдневие

 1.
Денес отидов да го видам Зоки, сопственикот на „Чув де чув”. Бев во Истанбул кога експлодирала бомбата во „Мавровка”, трговскиот центар во кој се наоѓа продавницата на Зоки, култно место на скопските љубители на добра музика. Го најдов Зоки како игра карти во соседната кафеана. „Ќе го селам дуќанот. Нема работа,” вели, „луѓето кои доаѓаат по дискови деновиве се толку малку што можам и дома да ве викам, не морам да држам продавница.” Кој знае колку вакви птици – преселници има денес во Македонија. Војната и теророт си го прават своето. Ги кинат врските на луѓето со нивните огништа, со соседите, со пројателите, со традицијата која не ги исклучувала Другите како комшии или муштерии. Солидарноста меѓу луѓето од различно етничко потекло се етикетира како национално предавство. "Албанците му ги припишуваат бомбите на Бошковски, Македонците &  ги припишуваат на ОНА,” ми вели еден друг преселник од принуда. Дневната заповед гласи: Македонците кај Македонците, Албанците кај Албанците, сите марш кај своите!

 2.
Слушам дека Адем бил еден од новопечените команданти на ОНА во Тетовско. Го запознав пред четири години кога полагаше приемен испит на Факултетот за драмски уметности. Го одбивме. За да не остане нејасно: од примените 12 кандидати, 3 беа од албанска националност. Адем, за жал, не покажа способности за да биде примен. Подоцна слушнав дека се запишал на Универзитетот во Мала Речица. Студирал актерска игра. Го гледав и во една професионална претстава. Што го натерало актерот да земе оружје в рака по завршувањето на академската година? Дали му е јасно каква улога игра во оваа крвава претстава?

 3.
Државата се порева. Не треба многу ум за да се согледа тоа. Во Скопје е опасно да се вози автомобил, но уште поопасно е да се оди пеш. Посилните немаат милост за послабите. Избезумени пешаци претрчуваат преку улиците како да се прогонувани ѕверки. Недоверчиво се загледуваат во ретките возачи кои им даваат предност на пешачките премини. Небаре живееме во оѕверен свет во кој луѓето се препуштени на милост и немилост на моќниците, богатите, властодршците. Вистинско бојно поле.

4.
Властодршците се шампиони во непочитувањето на законот. Нивниот кодекс се сведува на: „Ми се може, бе!” Узурпираат, крадат, тепаат, рекетираат, се закануваат, лажат. И веќаваат дека ќе н# спаселе од злото што ни го надробија. Само да имале повеќе доброволци, повеќе оружје, повеќе пари, повеќе ровови, повеќе власт. Повеќе, повеќе, повеќе. Алчноста им е ненаситна, одговорноста им е непостоечка.  Креативноста сведена на произведување омраза.

 5.
Битола прва ја доби својата „Улица на темните дуќани”.  А некогаш се гордееше со „Широк сокак”. Потоа скопските ноќни орди на два пати ја опустошија најфреквентната улица во главниот град. Сега црни капаци го штитат "Мек Доналдс”. Метални ролетни на туристичката агенција отспротива. Сопственикот на слаткарницата „Корзо” крена раце по второто демолирање, зјапале алуминиумските рамки со по некоја срча на рабовите. Во продавницата наспроти „Кармин” нема ни чевли ни кутии. А во дуќаните што биле поштедени од ноќниот пир – знамиња и икони. Сведочат за заговорот на планерите на хаосот војната да ја „унапредат” во верска војна.

6.
Најпрвин џамии и цркви во Тетовско и Кумановско беа претворени во снајперски гнезда и бункери на ОНА. Потоа „спонтано” пламна џамијата во Прилеп, средновековен споменик на културата. А потоа беше минирана една од црквите во Лешочкиот манастир. Ова е војна не само против сегашноста, туку и против минатото. Војна не само против заедничкиот живот, туку и против паметењето дека кога и да е сме живееле без да се убиваме. Господарите на оваа војна не се задоволуваат со протерување. Нивната цел е искоренување.

 7.
Велат дека на минирањето на Лешочкиот манастир му претходело палењето на две селски џамии во Тетовско, но медиумите не соопштија за тоа. Вистината беше првата жртва во оваа војна. Граѓаните на Македонија го живеат својот „Рашомон”. Нема македонски граѓанин кој е во состојба да ги следи сите медиуми на македонски и на албански. Единствено така би можел да дојде близу до вистината за катастрофата која н# турка во варварство. Вака, тој е заробеник на она што му го кажуваат „неговите” медиуми во кои, чест на ретките исклучоци, нема место за страдањата на Другите. Во „неговите” медиуми, жртви се само Неговите, џелати се само оние Другите. Исклучоци нема.

8.
Исклучоците се опасни. Не се покоруваат на „инженерите на душите”. Поставуваат прашања, бараат објаснувања. Им веруваат на сопствените очи и уши, а не на пропагандите. Затоа се опасни. Раководството на МТВ со писмо ја забрани граѓанската акција ДОСТА Е. Граѓаните ни со пари не можат да откупат време за да го искажат своето поинакво мислење во медиумот кој по дефиниција е сервис на јавноста.

9.
Не знаеме дали во Собранието ќе има двотретинско мнозинство за отпочнување на постапката за измени на Уставот. Но знаеме дека денес две третини од народните избраници со мирна совест и на брзина изгласале закон против перењето пари кој ќе стапи на сила дури по шест месеци!