Институтот Исток-Запад гради мостови додека идната граница на ЕУ се заканува да го прошири јазот   

Во трка со времето

Во споредба со другите граници од ре­гионот на Југоисточна Европа, онаа помеѓу Србија и Бугарија е особе­но стара. Таа не е доведена во пра­шање во последните 60 години и не ги разделува туку ги поврзува локалните зедници кои живеат на двете нејзини стра­ни. Меѓу­народната изолација на Југо­сла­вија во деведесеттите години од минатиот век ги прекина на некој начин традиционалните врски, а предизвиците на транзицијата создадоа нови препреки во преку­гра­ничните активности.

Згора на тоа, со приближувањето на Бугарија кон членството во ЕУ, нејзината западна граница се заканува да стане критична линија на поделба: граница помеѓу ЕУ каква што ќе биде во 2007 и регионот на Западен Бал­кан кој заостанува со интеграцијата.

Институтот Исток-Запад (ИИЗ) гради мостови помеѓу владите, локалните власти, претпријатијата, граѓанските организаци и општините, што ќе послужат како од­р­жлива врска по следното проширување. Мостови, кои идната граница на ЕУ нема да ја претворат во разделувачка линија, туку во една област од општ интерес и тло за размена на најдобрите искуства. Инсти­тутот е независна, непрофитна организација која премостува јазови во текот на 23-те години од своето постоење. Неј­зи­натата регионална и прекугранична про­гра­ма за соработка ги има за цел гра­нич­ните региони во Југоисточна Европа и Русија, каде што врските помеѓу гра­ѓанскиот сектор, бизнис-секторот и владините институции се слаби, односно она­му каде што во последно време тие се загрозени или нарушени. Преку остварувањето контакти на сите нивоа и овоз­мо­жување дијалог помеѓу границите, Инсти­тутот Исток-Запад поттикнува сигурност и стабилност, ја зацврстува демократијата, создава социо-економско приближување и остварува предуслови за еден одржлив развој.

Во текот на својот тригодишен ангажман во пограничниот регион меѓу Србија, Бу­гарија и Македонија, Институтот има постигнато значителни резултати. И покрај фак­тот што на почетокот не постоеја ре­чи­си никакви институционализирани преку­гранични врски на триаголникот Ниш-Софија-Скопје, регионот денес успеа да прерасне во еден еврорегион. На иницијатива на градоначалниците на Софија, на Ниш и на Скопје, како и со огромна под­дршка од ИИЗ, Еврорегионот ЕВРОБАЛКАН официјално беше воспоставен во септември 2003 година кога градо­началниците на трите градови го потпишаа Три­лате­ралниот договор и Статутот на Евро­регио­нот. Овие искуства од градењето на пре­ку­граничната институција се покажаа корисни во уште еден пограничен регион во кој­што е вклучен ИИЗ, а кој исто така ја вклучува и Македонија. Станува збор за регионот околу Преспанското Езеро и Охридското Езеро, поделен меѓу Маке­донија, Албанија и Грција, каде што ИИЗ ра­боти со своите локални партнери за фи­на­лизирање на Трилатералниот протокол за основање на Еврорегионот Преспа/Охрид во есента 2004 година.

 

Кон одржлив Еврорегион ЕВРОБАЛКАН

 

Создавањето еврорегиони во погра­ничните делови на европските земји е традиција во Европската Унија којашто датира уште од педесеттите години. Евро­регионите се аранжмани за соработка помеѓу единиците на локалните или регио­налните власти, преку границите со кои се афирмираат заедничките интереси и кои ги вклучуваат сите аспекти на секојднев­ниот живот. Еврорегионите не само што помагаат да се поврзат разделените луѓе и заедници и придонесуваат кон траен мир и безбедност, туку и го помагаат подобрувањето на животниот стан­дард на пограничното население. Пилот-проектот на ИИЗ, Триаголникот Ниш-Софија-Скопје, послужи како водич и помош на локалните власти, институции, претпријатија и НВО и го олесни воспоставувањето на прекуграничната соработка на сите нивоа. Преку основањето работни групи за регионален економски развој, заштита на животната средина, културна соработка, соработка на полето на образованието и медиумите, се постави основата за ефикасна соработка меѓу границите.

Уште во 2002 година., следејќи го ев­роп­скиот пример од 1951 година, про­извод­ителите на че­­лик од најголемите челични и мета­лур­­­­ш­­ки компании во Маке­донија, во Ср­­би­ја и во Бугарија го формираа Евроре­гио­нал­ниот Комитет за челик. Неговата ра­бота доведе до пораст на мултилатералната размена од 6.000 тони производство на челик, со вкупна вредност од околу 2 милиони американски долари и ги постави основите на една продлабочена преку­гранична соработка...