Соработка на МЕД со скопската Зоолошка градина

Заеднички за грижа за заштита на рисот и белоглавите орли

Македонското еколошко друштво потпиша меморандум за соработка со Зоолошката градина во Скопје. Стручњаците од МЕД во иднина ќе и помагаат на Зоолошката градината со тековни информации и проекти за заштита на крупните ѕверови во Република Македонија, како и со заеднички заложби за подигнување на јавната свест кај луѓето.

Како што вели Диме Меловски, биолог во МЕД, постои идеја да се подобри живеалиштето на еден од заштитените диви животински видови во нашата земја, рисот, чија што реконструкција е веќе во тек. Исто така, вели Меловски, се разгледува можноста за изградба на санитарна станица, каде што би се згрижувале и негувале оние примероци кои се повредени или се сирачиња, а членовите на МЕД ги наоѓаат на многубројните научни прошетки низ шумите во земјава. „Овие модуси на соработка се од исклучителна важност, како за нашето друштво, така и за рисот и сметаме дека Зоолошката градина на градот Скопје, на овој начин, многу ќе придонесе за зачувување на ова ретко диво животно”, истакна Меловски.

Директорот на скопската Зоолошка градина, Атанас Петров, вели дека МЕД  во иднина редовно ќе ја снабдува Зоолошката градина со научни податоци за дивиот свет во Македонија и ќе ги стави на располагање своите стручни и научни капацитети за давање мислења по прашања кои се однесуваат на заштита на животните. „И досега со МЕД имавме одлична соработа, токму затоа решивме да го потпишеме овој меморандум и да ја продлабочиме таа соработка. Се надевам дека МЕД ќе ни помогне да добиеме прецизни информации за добиените резултати од активностите што се преземаат за заштита на рисот во Македонија. Заеднички ќе работиме и на проучување и на белоглавите мршојадци, што овде во градината се размножуваат во заробеништво. Се надеваме во иднина ќе произлезе и некаков научен труд и дека таквите новородени единки на белоглави мршојадци ќе успееме да ги вратиме повторно назад во природата”, појасни Петров.

С.Н.