Анкета на Центарот за информациски и комуникациски технологии “Метаморфозис”
Дали државата треба да ги затвори продавниците со пиратски софтвер
Центарот за информациски и комуникациски технологии „Метаморфозис“ ги објави резултатите од анкетата „Дали државата треба да ги казни со затворање продавниците со пиратски софтвер“, што ја спроведе на својата веб страница во периодот од 16 февруари до 19 април 2004 година На прашањето одговориле вкупно 773 посетители, од кои 493 или 64 % дека не треба да се казнат, 237 или 31%, дека треба да се казнат. 28 посетители или 4% не се одлучни за одговорот, а 15 посетители или 2 % не знаат како да одговорат.
Впечатливо е тоа што дури 64% од јавноста смета дека продавниците кои тргуваат со пиратски софтвер не треба да бидат казнети со затворање.
Метаморфозис на веб страницата објави и дел од коментарите што ги оставале посетителите:
„Знаеме дека би било најлогично да се плаќа вистинската цена за еден софтвер, меѓутоа, каква што е економската ситуација во Македонија и колкав е степенот на сиромаштија, вистински успех за луѓето е и купување копија“ – Милан од Торонто;
...„Ако софтверот Виндоуз би се продавал за 25 до 30 долари, јас би го купил, но ако треба да се платат 160 до 250 долари за Виндоуз и 180 до 250 долари за Офис, тоа е премногу за Македонија со своите плати“ – Емил од Скопје;
„Сметам дека за да издвојам 15 евра за едно це-де од мојата просечна плата од 150 евра, од која треба да исхранам и да образувам и три деца е премногу, па затоа ќе се задоволам со копии, само за да бидеме како семејство едуцирани со сето она што е ново“ – Елизабета Тевдоска, Скопје.
Д.М.
|
Денот на Европа одбележан и во Македонија
“Одата на радоста” се слушаше и во скопскиот парк
Педесет и четири години од Шумановата декларација, Европската Унија е синоним за мир, демократија и за просперитет. Деветти Мај, Денот на Европа, оваа година Унијата го дочека со 25 земји членки, од кои десет беа примени само девет дена пред прославата на заедничкиот ден. Сто и педесет милиони нови жители доби Европската Унија на 1 мај 2004 година, што претставува најголемо проширување на Унијата од нејзиното постоење до денес. Македонија засега е само апликант за членство во Европската Унија, но Денот на Европа се одбележа и во нашата земја. “Македонија го одбележува овој датум затоа што е европска држава, затоа што ги почитува вредностите на европските демократии, затоа што Македонија со чинот на поднесувањето на барањето за членство ја искажа својата решеност да стане дел од европското семејство”, изјави министерката за надворешни работи, Илинка Митрева.
Звуците на европската химна “Ода на радоста” од Бетовен се слушаа и во скопскиот Градски парк каде што претставниците на канцеларијата на Европската Унија и на амбасадите на европските земји во нашата земја, на импровизираните штандови на скопјани им делеа промотивни материјали, а некои амбасади промовираа и гурмански специјалитети типични за нивните земји. Манифестацијата беше организирана во соработка со Секторот за евроинтеграции при Владата, а им се приклучија и неколку локални заедници што спроведуваат реформи за приближување кон Европа.
“Се надевам дека проширената ЕУ ќе успее да ги сподели вредностите и принципите поставени од нејзините основачи со најблиските соседи и со останатиот свет. Што се однесува до иднината на Македонија, прашањето повеќе не е ‘дали’, туку ‘кога’ Македонија ќе се приклучи во ЕУ. Тоа ‘кога’ секако зависи од прашањето ‘како’ вашата држава ќе стане членка на Унијата. Првото европско партнерство наскоро ќе биде потврдено од Советот на ЕУ. Тоа ќе се случи како патоказ за македонската интеграција во ЕУ. Ги поканувам сите граѓани да им се придружат на владата, парламентот и на другите институции во напорите да се оствари нивната желба да станете членка на ЕУ. Европската комисија секогаш ќе биде тука за да ви помогне на тој пат”, им порача на македонските граѓани шефот на Делегацијата на Европската комисија, амбасадорот Донато Кјарини.
М.К.
|
|