избор
Дали имате колонијален менталитет? 1
Може да замислите колку се изненадив, а потоа и фасцинирав, кога првпат слушнав за синдромот на „колонијален менталитет“, во рамките на предметот за филипински јазик, во моето прво тромесечие на универзитетот Де ла Сел. Леле, таа фраза навистина ме погоди. Таа ми објасни многу од работите што како Филипинка ме зачудувале. Кога би биле родени во САД, или сте пораснале таму од раното детство како мене, веројатно никогаш не би чуле за поимот колонијален менталитет. Тој е апстрактен, но сеприсутен. Симптомите се насекаде. Професорката на колеџ ни испрашуваше за тоа што мислиме дека значи. Бидејќи немав абер, одговорив нешто неодредено, во смисла... „нешто американско“. (колонијален, значи колонии, значи Америка?) Па, бев близу. Таа на едноставен начин објасни дека се работи за силен и постојан стремеж да се става си и сешто што потекнува од Америка на местото на си и сешто што е локално или домородно.
М.Н. Франциско (не сме роднини) и Ф.М.Ц. Ариола (Арриола) во нивната книга „Историјата на Бургите“ (Тхе Хисторѕ оф тхе Бургис) го опишуваат како: „Американизацијата на Пепе и Пилар (која се промовира како модернизација) ги трансформира купувачките навики во насока на фаворизирање продукти од САД, или, општо земено, што било што е увозно. Таа ги реориентира аспирациите на Филипинците кон американскиот начин на живот“.
Ова го почувствував кај Филипинците со кои контактирам и живеат и во Чикаго, и во Манила. Овде, во САД, еден од основните знаци е дека децата-Филипинци зборуваат претежно англиски, без да научат зборче од тагалог, или кој и да е филипински дијалект што го зборуваат во нивното семејство. Друг, уште поочигледен знак, е скоро клиничката опсесија со носење „марка“. Скоро секој што го среќавам во Манила носи облека и накит од Есприт или Ралф Лорен. На училиште, мислам дека сите ние, вклучувајќи ме и мене, не користевме ниеден филипински производ освен учебниците и пенкалата (кои можеби беа британски!). Во денешно време, скоро сите Филипинци носат облека со знакче на некој дизајнер. Иако, наместо гореспоменатите, денес се во мода Томи Хилфингер и Калвин Клајн.
Најлошиот симптом на синдромот на колонијален менталитет е кога личноста се обидува да си наметне акцент. А тоа се случува во обете насоки. Некои се обидуваат да зборуваат развлечено „по американски“, но од нивна уста излегува преувеличено. Некои се обидуваат да зборуваат филипински, најчесто тагалог, со акцент на некој кој вообичаено зборува англиски, и тоа развлечениот американски дијалект, па испаѓа смешно до апсурдност.
Од друга страна, најбезуспешниот симптом е обелувањето на кожата. До колку не сте природно местиза (шпан. жена со родителска комбинација од бела раса и некоја небела, но и нецрна раса, на пример индијанска), или со кинеско потекло, ве молам, направете си услуга! Не правете го тоа! На Филипините продаваат производи коишто ги фалат дека ја обелувале и најкафеавата кожа. Помислете на опасните последици по вашето здравје. Иронично е што наспроти сите американски вредности што безрезервно ги примаат, Филипинците го одбиваат токму пожелноста на потемна кожа. Имено, повеќето Филипинци се природно црномурни, па можете да ги избегнете и здравствените ризици од сончањето. Ова значи дека ако сте морена (шпан. за црномурна/темнокоса жена), повеќето бели жени веројано ќе ви завидуваат.
Јоханна Францисцо. Do You Have Colonial Mentalits Syndrome? www.suite101.com (http://www.suite101.com/article.cfm/filipino_american_lifestyle/70708)
|
|