Граѓанска платформа на македонија

ЗАЕДНО ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ

Граѓанското општество е ефективно само ако е вкоренето во општеството и во јавноста. Тоа пред сe значи и одговорност, вклучувајќи и отчетност пред јавноста на граѓанските организации, особено на оние кои се стремат за јавно добро.

Со цел да се даде придонес кон транспарентноста на работата на граѓанските организации, како придонес кон подобрување на ефективноста на граѓанскиот сектор група граѓански организации, членки на Граѓанската платформа на Македонија, одлучија доброволно по втор пат да ги објават годишните извештаи, вклучувајќи ги финансиските извештаи со независните ревизорски мислења по тие извештаи.

Доброволно, бидејќи немаат законска обврска да го направат тоа, но сметаат дека имаат морална обврска пред јавноста. Најчесто тоа го практикуваат (и е законска обврска) во деловниот сектор.

Охрабрени од минатата година, и оваа година организациите со заедничкото објавување на извештаите упатуваат јасна порака: само транспарентното и отчетно работење е гаранција за градење доверба помеѓу граѓанскиот сектор и јавноста. 

Објавувањето на годишните извештаи, финансиските извештаи и независните ревизорски мислења по тие извештаи е еден од основните начини за јакнење на одговорноста. 

Сметаме дека ваквата практика е еднакво потребна и во граѓанскиот и во јавниот сектор, и во политичките партии.

Затоа ги повикуваме и другите граѓански организации, единиците на локалната самоуправа, јавните инситуции, државната власт, политичките партии и сите други субјекти да дадат свој придонес во јакнење на одговорноста и отчетноста и да ги објавуваат годишните извештаи, финансиските извештаи и независните ревизорски мислења по тие извештаи.

Ги повикуваме законодавците оваа морална обврска да ја преточат во законска.

Во продолжение имате можност да се запознаете со активностите, со билансот на успех и билансот на состојба, со независното ревизорско мислење за финансиското работење и со структурата на следните граѓански организации: Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП); Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС); Постполио група за поддршка Полио плус; Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“; Сојузот на организациите на жените во Македонија (СОЖМ); Фондацијата Институт отворено општество - Македонија (ФИООМ) и Центарот за граѓанска иницијатива (ЦГИ), Прилеп.

-  Македонска развојна фондација за претпријатија -МРФП

Македонски центар за меѓународна соработка - МЦМС

Полио плус

Прва детска амбасада „Меѓаши“

Сојус на организации на жените во Македонија - СОЖМ

Фондација Институт отворено општество - Македонија - ФИООМ

Центар за граѓанска иницијатива -ЦГИ


Податоците за сите вклучени организации ќе бидат достапни на следните веб-сајтови: www.graganskisvet.org.mk и www.mango.org.mk.