Европска куќа го одбележа Денот на Европа

Промовиран проектот “Европа во школо 2004”

По повод  Денот на Европа - 9 Мај, ден порано, во Гимназијата „Јосип Броз-Тито”, Европска куќа - Скопје го промовира меѓународниот проект  “Европа во школо”, кој се занимава со спроведување натпревари по европско знаење во средните училишта во Македонија.

Станува збор за проект на годишна основа, наменет за професорите и учениците од сите училишта и старосни групи, кој може лесно да биде   интегриран во секојдневната практика на европското образование.

“Европа во школо” е педагошка активност која е нашироко и официјално призната и споменувана во различни одлуки и препораки на европските институти, како и во официјалните документи објавени од национални образовни авторитети и е под заедничка патронажа на Советот на Европа, Европската комисија и Парламентот и на Европската културна фондација во Амстердам.

Европскиот натпревар се одржува на постојана основа веќе педесет години и е организиран во 34 европски земји. Преку него, младите добиваат можност да ги покажат своите идеи и мислења во однос на европскиот сон, а преку семинарите што се одржуваат низ Европа и преку системот на награди, да се дружат со нивните врсници и да ги споделат знаењата и искуствата.

На промоцијата беа  доделени награди на учениците од 10 средни училишта од Скопје во ликовна и литературна конкуренција на тема ”Разбирање на Европа преку културата и спортот”. 

Проектот „Европа во школо” којшто во иднина треба да прерасне во годишен натпревар кој ќе се одржува во сите основни и средни школи се реализира во соработка со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образованието, Агенцијата за млади и спорт на Балканската фондација за деца и млади, Секторот за европска интеграција на Влада на Македонија, Македонскиот комитет на Европскиот младински парламент и Сојузот на ликовните педагози на Македонија, здружени во Македонскиот национален комитет на Европа во школо.

 Д. М.