Милиеуконтакт оост-Европа
Кампања за позеленување на локалните избори
На 16-ти и 17-ти јули 2004 година, во Скопје, на иницијатива на независната холандска фондација Милиеуконтакт оост-Европа (Милиеуконтакт Оост-Еуропа), се одржа почетниот состанок на еколошките организации кои ќе работат на непартиска јавна кампања за позеленување на локалните избори оваа есен. Кампањата ќе има за цел наметнување локални еколошки проблеми на политичката агенда на кандидатите за градоначалници и советници во градовите каде што се активни организациите. На состанокот присуствуваа претставници од: Проактива од Скопје, Еко-свест од Скопје, НПЕЦ Ерина од Скопје, Шпреса од Тетово, ИПО Крсте Јон од Струга, Биосфера од Битола, Еко извор од Битола, ЕД Планетум од Струмица, ЕД Брица од Берово и ЕД Кладенец од Пехчево, како и претставници од иницијаторот на кампањата, Милиеуконтакт оост-Европа, Работната група за позеленување на локалните избори (РГПЛИ) којашто претставува национален координатор на сите локални кампањи, и претставници од мрежата на независни консултанти КОЦКА кои ќе ги водат еколошките организации во процесот на подготовка на нивните локални кампањи. Изборот на организациите кои се вклучени во оваа кампања беше направен од страна на претставници на Милиеуконтакт оост-Европа, РГПЛИ и КОЦКА, а врз основа на поднесените концепти за кампањи во рамките на објавениот конкурс од страна на Милиеуконтакт оост-Европа.
Состанокот беше искористен и за договарање на основните начела на мрежно работење на вклучените организации, како и за предусловот за еднаков и непристрасен пристап кон сите кандидати за градоначалници и советници. Организациите се договорија да се подготват заеднички материјали со единствено лого, слоган и централна порака на кампањата. Со ова се смета дека кампањата ќе има поголемо влијание, пред с$ во општините каде што директно ќе се имплементира, но се смета и на индиректно влијание и во другите општини.
М. Мартиноски
|