Соработка на Белград, Загреб и Сараево

Проект за поддршка на судењата за воени злосторства

На 19 јануари 2005 годинава, Регионалниот тим за мониторинг на судењата за воени злосторства кој постои во националните судови во Белград, во Бања Лука и во Вуковар ќе биде официјално промовиран во Сараево. Промоцијата на тимот, заедно со презентацијата на Водич за истрага на прекршувањата на човековите права и воените злосторства, користен од инспекторите на Хашкиот трибунал, се само некои од активностите на трите граѓански организации од Сараево, Загреб и Белград.

Центарот за истражување и документација во Сараево,  Документа во Загреб и Центарот за хуманитарно право во Белград се здружиле во проектот со цел да се соберат документите и информациите поврзани со конфликтите во поранешна Југославија, вклучувајќи ги и сведочењата на жртвите и преживеаните. Трите центри ќе формираат компатибилна база на податоци, инструмент за поддржување на процесот за изнаоѓање на вистината, правдата и одговорноста, преку поддршка на обвинителите за домашните воени злосторства, како и за поддршка на сведоците. Трите центри започнаа да ги преснимуваат видеоматеријалите на Хашките судења, со цел да го искористат времето до конечното затворање на судењата на Меѓународниот суд за Југославија и да обезбедат важна документација од историско значење.

Т.Х.

 

Хрватска

Расправа за школството на интернет 

Министерството за наука, образование и спорт во Хрватска, на својата интернет-страница покрена јавна расправа по повод изработката на Законот за учебници и Правилникот за оценување на учениците во основните и во средните училишта. Министерството има намера да изработи нов правилник за оценување, поради честите и оправдани тужби на дел од одредбите од тој правилник. Постоечкиот Закон за учебници овозможува издавање голем број паралелни учебници, на кои векот на траење им е само една година. Таквите учебници се прескапи и со право ги вознемируват децата и родителите.

Колку учебници треба да има за еден предмет и колку треба да траат учебниците се прашања на кои во Министерството чекаат одговори од јавноста преку јавната расправа. Исто така, повикуваат на изнесување на мислења за начинот на оценување во училиштата.   

Босна и Херцеговина

“Моделот на Советот на министрите на БиХ”

Советот на министрите на Босна и Херцеговина, во соработка со Интегрираната програма за млади, кои работат во рамките на Волонтерите на Обединетите народи и Развојната про­грама на ОН, го иницираат проектот “Модел на Советот на министрите на БиХ”. Проектот претставува автентична симулација на работата на Советот на министрите на БиХ, при што им се овозможува на младите да се запознат со работата на државните институции.

Симулацијата е најдобар начин да се прикаже начинот на донесување одлуки во Советот на министрите и како таква да им послужи на младите како механизам за стекнување практично искуство. Освен симулацијата, учесниците ќе имаат можност да добијат додатни обуки и информации поврзани за државата, нејзината структура и политичкиот систем од политичките партии и државните структури. Како продолжение на стекнување на практичното искуство, проектот вклучува обука и работа на специфични задачи во различни министерства во рамките на Советот на министрите на Босна и Херцеговина. На најдобрите кандидати ќе им биде овозможено тримесечно стажирање во државните министерства.

Т.Х.

Милениумски развојни цели

Промовираан глобален веб-сајт против сиромаштија

Обединетите нации промовираа централен веб-сајт за поддршка на Кампањата за милениумски развојни цели. Веб-сајтот на Милениумската кампања нуди најнови информации за состојбата на секоја милениумска развојна цел, за ситуациите во земјата и за можностите поединци, групи и организации да се вклучат во кампањата локално и глобално. Веб-сајтот на Милениумската кампања е: http://milleniumcampaign.org.

Т.Х.