ДЕНОВИ НА ПРОЛЕТТА, ДЕНОВИ НА ЕКОЛОГИЈАТА
Отворена Зелена книга
Првиот ден од пролетта, 21 март, и годинава традиционално беше одбележан со еколошки манифестации на повеќе локации. Градинките, основните и средните училишта организираа чистење на дворовите и засадување садници коишто и годинава традиционално им ги подаруваше Министерството за животна средина. Децата организираа и маскембали со мотиви од природата, изложби со цртежи, екочасови и рецитирање песнички за сонцето, за природата и за животните. Екоакции организираа и скопските општини, а на плоштадот “Македонија” НВО “Форум” постави Зелена книга за идеи и коментари за животната средина. Во неа прв се потпиша градоначалникот Трифун Костовски, а покрај него, на плоштадот беа и најмладите, основците, кои со еколошки пораки, транспаренти и пролетни маски ги потсетија своите родители за поголема грижа за животната средина.
Беше организирана и акција за чистење на Градскиот парк, а градоначалникот Костовски и амбасадорот на Кина во централниот дел од паркот посадија дрвца.Претседателот Бранко Црвенковски го посети Паркот на толеранцијата, каде што се дружеше со над двесте деца со посебни потреби,следејќи ја заедно со нив приредбата “Сите наши деца се борци”, Тој, заедно со претставници на дипломатскиот кор, во Паркот засадија и дрвја карактеристични за различни делови од светот.
|