Септемвриски резултати

 
“Транспарентност Македонија” бара да се зајакне борбата против урбаната мафија


Граѓанската организација „Транспарентност Македонија” на прес-конференција ги објави септемвриските резулта­ти за оваа година, поврзани со борбата против корупцијата и криминалот, како и состојбата на транспарентноста во општеството. Оваа организација најостро ги осуди физичките пресметки помеѓу пратениците, како и тепа­њето новинари од страна на полицијата и политичките претставници и ја повика Владата на Република Македонија, а посебно МВР, да престанат со праксата на колективни апсења, проследени со помпезни медиумски спектакли.

„Транспарентност Македонија” оценува дека постојат сериозни индиции за кршење на законските процедури при продажбата на ТЕЦ Неготино, кога тендерската комисија ја одбра понудата на конзорциумот „Хач” како најповолна, иако тој конзорциум настапи со некомплетна документација. Од ТМ ја поздравуваат одлуката на министерката за економија, Вера Рафајловска, да не ја потпишува одлуката за тендерот до расчистување на случајот за ТЕЦ Неготино.

„Одлуката на Владата, Агенцијата за електронски комуникации да му додели лиценца за користење радиофрекфенции за 3Г-технологијата само на еден оператор претставува класичен монопол”, изјави Сашо Ордановски, претседател на ТМ, изразувајќи разочараност поради повторното одлагање за воведување електронска наплата на патните такси од страна на Министерството за транспорт и врски. „Транспарентност Македонија” бара да се зајакне и борбата против урбаната мафија, како во случајот со ГИА-инженеринг, Бис оил, плацот зад Метропол во Скопје, случајот Кинески ѕид, плацот кај Рамстор...

МИА