Одбележан Светскиот ден на руралната жена
Состојбата на жените од руралните средини во земјава е на незавидно ниво
Состојбата на жените од руралните средини во Македонија е на незавидно ниво. Тие најчесто не поседуваат имот или земјиште и немаат сопствен бизнис, беше речено на одржаната манифестација по повод Светскиот ден на руралната жена - 15 Октомври, организирана од Сојузот на организациите на жените на Македонија, под мотото „Право на храна: Руралните жени произведуваат и снабдуваат”.
СОЖМ смета дека државава треба преку преземање сеопфатни мерки да поттикне промени што ќе ја подобрат состојбата на жената во руралите средини, а светските статистики велат дека една четвртина од вкупната популација отпаѓа на руралните жени. „Состојбата на жените во руралните средини кај нас, за жал, не е на нивото што го заслужува, иако со глобалниот општествен напредок рамноправноста меѓу половите е многу поголема. Сепак, жената во руралната средина с$ повеќе е вклучена во донесувањето на одлуките за земјоделското производство и во планирањето на семејниот буџет”, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Ацо Спасеноски, кој посочи дека бројот на жените од руралните средини кои аплицираат за добивање кредити се зголемува. Според последните статистички податоци, над 40 отсто од македонските семејства живеат во руралните средини, нивните приходи се намалуваат, а пад бележи и вработувањето.
МИА
|