Активности во проектот на ПДАС “Меѓаши” - Другарување преку меѓуетничка соработка
Мрежа на наставници за ненасилна разработка на конфликти
Првата детска амбасада во светот „Меѓаши”, во рамките на проектот „Другарување преку меѓуетничка соработка”, во 5 мултиетнички клуба во средни училишта во Скопје, во Тетово и во Куманово го организира првиот состанок за воспоставување мрежа на наставници за ненасилна разработка на конфликти.
На средбата учествуваа наставници од ДСМУ „Панче Караѓозов”, ДСУ „Цветан Димов”, ДСУ „Никола Карев” од Скопје, ДСМУ „Никола Штеин” од Тетово, ДСУ „Наце Буѓони” од Куманово, како и активисти од Детската амбасада „Меѓаши”, кои го имаат поминато тренингот за ненасилна разработка на конфликти.
Средбата имаше за цел да се формира мрежа или група индивидуалци за ненасилна разработка на конфликти, за зајакнување на процесот на промоција на заедничкиот соживот и за размена на искуства.
Во мрежата ќе бидат вклучени наставници, педагози и други лица кои учествувале на тренинзи за ненасилна разработка на конфликти или се заинтересирани за оваа проблематика. Учеството во мрежата е на волонтерска основа и без формалности, а Детската амбасада „Меѓаши” ќе има улога да ја иницира идејата и да ги организира првите состаноци, додека дните активности ќе бидат организирани од самите наставници. Средбата беше искористена за договор наставниците и учениците опфатени со проектот да земат учество на летната школа за човекови права организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права, како и за организирање заеднички летен камп за децата од нивните училишта.
Проектот „Другарување преку меѓуетничка соработка” предвидува развивање меѓуетнички дијалог и подобрување на соработката меѓу наставниците и средношколците од различно етничко потекло и зајакнување на капацитетите на 5-те мултиетнички клуба во 5-те средни училишта во Скопје, во Тетово и во Куманово.
Проектот е финансиран од Европската Унија преку Европската комисија во рамките на програмата „Европска иницијатива за демократија и човекови права”, а е поддржан од Министерството за образование - Управа за унапредување на јазиците на припадниците на малцинствата.
Втората средба за вмрежување е предвидена во септември, оваа година.
За повеќе информации обратете се на 02/2463-900, а лице за контакт е Митко Ѓоргиев, координатор на проекти.
Д.М.
|