Објавени првите резултати од проектот “Мојот пратеник”

Со пратениците од својата изборна единица не контактирале 80,7% испитаници

Граѓанската асоцијација МОСТ го објави и презентира изданието “Мојот пратеник”, во кое се опфатени резултатите од првата фаза на истоимениот проект. Во него се содржани податоци за работата на пратениците во Собранието на Република Македонија во периодот февруари-август 2007 година, а истите и официјални се добиени од собраниските служби.

Објавени се податоци за работата на секој пратеник поединечно, неговото име и презиме, изборната единица од која доаѓа, бројот на присуства, отсуства и излагања на парламентарните седници, бројот на поднесени предлог-закони или амандмани, бројот на пратенички прашања, членството и работата во комисиите и работните тела во Собранието, бројот на средби во мобилниот парламент и користењето на услугите од Канцеларијата за контакт на граѓанските организации со Собранието. Планирано е извештајот за работата на пратениците да излегува два пати годишно. Основна цел на проектот “Мојот пратеник” е да се зголеми кооперативноста и отвореноста на пратениците од Собранието кон потребите на граѓаните и да се подобри квалитетот на нивната работа преку информирање на јавноста за ефектите од истата.За потребите на проектот, во периодот од 17 до 21 септември 2007 г., на репрезентативен примерок од 1.118 испитаници било направено истражување во кое е поставено прашање за следење на собранискиот канал, на кое 18% од испитаниците одговориле позитивно. Како одговорот на прашањето да се даде оценка за работата на Собранието, добиена е средна оценка 2,3 %, додека 38,5 % од испитаниците мислат дека Собранието е зависно од Владата во донесувањето на законите. На прашањето дали по изборите имале средба со избраниот пратеник од нивната изборна единица, дури 80,7 % одговориле негативно, додека 39,7 % знаат дека постојат канцеларии за контакт помеѓу граѓанските организации и Собранието. Истражувањето било спроведено од страна на Институтот за демократија “Сосиетас сивилис” (Сосиетас Цивилис) и Граѓанската асоцијација МОСТ. Проектот “Мојот пратеник” е поддржан од Амбасадата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, од БДТ (Балкан Труст фор Демоцрацѕ) и од Амбасадата на Кралството Холандија.

Т.Д