погледи

Оружјето е дизајнирано да убива

Оружјето е дизајнирано да убива. И - тоа сигурно ќе го стори во даден миг! Тоа е една од водечките идејни поставки на предавањето за ризиците од оружјето кое го одржа полковник Франк Одендал, а во организација на Цивил, Пакс Кристи Холандија и УНДП/САЦИМ 2 – “Сафер Цоммунитѕ Буилдинг”.
Понатаму, тој, со доза на црн хумор, продолжува да набројува низа примери за тоа како оружјето, муницијата и експлозивите проговоруваат и без да се поканат.

Присуството на оружјето директно влијае на состојбата на човековите права, правдата, безбедноста и целокупниот развој. Притоа, да се послужиме со зборовите на Алан Лапон, проект-менаџер во УНДП, “поседувањето со оружје не ве прави експерт за ракување со него”. Човековите вредности, според г. Лапон, се сериозно загрозени и блокирани онаму каде што има оружје.

Кај нас, во Цивил, како и во рамките на нашите редовни состаноци со организациите членки на Контакт-групата на НВО за разоружување, често се водат дискусии во врска со една стратешка дилема во поглед на процесите на стабилизација на регионот, каде што, се подразбира, основниот нагласок е на разоружувањето, односно воспоставувањето конечна и сериозна контрола на пролиферацијата и поседувањето на оружјето, особено на нелегалното.

Како што е познато, проценките велат дека 170.000 домаќинства во Македонија поседуваат најмалку едно парче нелегално оружје, што води до бројката од околу 500.000 парчиња во домовите на нашите сограѓани. А оружјето убива, зарем не?

Што направивме лани, направивме, а, ако земеме предвид што народ сме, добро и ни тргна. Сега е време да размислуваме за продолжување на процесот. Како?

Има две спротивставени размислувања. Едното е дека сега треба да започнеме со регионален пристап кон разоружувањето. Тоа би подразбирало симултана и сеопфатна регионална акција за разоружување. Добра замисла, се согласуваат сите, но пари за тоа нема. Притоа, може ли да се замисли дека една Србија би го собрала оружјето и би го транспортирала во Албанија за да се уништи и обратно? Исто така, политичките, социјалните, културните, економските, географските, безбедносните и низа други околности, си уште не дозволуваат усогласување на акциите од олку деликатна природа.

Обратно од оваа замисла би бил еден посуптилен и потемелен пристап, а тоа е локално разоружување. Поточно, низа аргументи посочуваат дека разоружувањето би можело да се одвива, да кажеме, во една до три општини истовремено со одредени периоди на амнестија за поседување на нелегалното оружје, а, секако, не и за легализирање, бидејќи тој процес заврши со минатогодишната акција. Така, се избегнуваат и робусни, а повеќе и несмасни конструкции, како што беа 123-те локални комисии за доброволно предавање на оружјето и легализација. Рака на срце, тоа беше добар испит за Владата, Координативното тело, УНДП и цивилниот сектор, кој, според моето скромно мислење, го положивме со прилично висока оценка. Сега е време да влеземе подлабоко во заедниците и да извршиме микроразоружувачки операции кои трајно ќе им донесат мир и безбедност на нашите сограѓани. А тоа значи и развој и благосостојба.

 

(авторот на текстоте  претседател на Цивил - НВО за човекови права и развој на граѓанското општество)