Признание
Градот Скопје го награди ОХО
Невладината организација ОХО во рамките на акцијата „Јас се грижам за моето Скопје”, беше наградена од Градот Скопје како организација којашто има најголем придонес за зачувување на животната средина во нашата земја.
Потребата од развивање и подигање на еколошката свест кај децата од предучилишна и од училишна возраст, во услови на транзиција и реформа на речиси сите структури на системот, вклучувајќи го и образовниот, се причини коишто неминовно доведоа до дизајнирање и реализација на програмата „Немаме резервна планета”, програма на ОХО којашто се смета за една од најзначајните програми на невладините организации, кои биле спроведени во нашиот образовен систем. Програмата за првпат излезе на виделина во 1999 година како прв македонски изворен прект којшто создаде едукативни материјали за подигање на јавната свест и значењето на заштитата на животната средина. Оттогаш па до денес, постојано се усовршува, развива и дополнува со нови едукативни материјали и активности.
„Добивањето на наградата од Градот Скопје на нас дејствува многу охрабрувачки и мотивирачки. Убаво е да видиш дека сепак некој го следел твојот труд во овие 9 години и дека умее да го признае и да го вреднува. За жал, во нашава земја тоа е редок случај и кога ќе се случи вакво нешто, тогаш гледаш дека не си сам во големата игра наречена „Немаме резервна планета”, туку дека има и други ентузијасти како тебе кои имаат најдобра намера кон планетата Земја и кон сите оние кои вредно и доследно се трудат да направат нешто позитивно и добро за себе и за сите кои живеат на неа”, вели Александра Младеновска, програмски директор во ОХО.
С.Н.
|
|