Концепти: Одржливост на проекти
Придобивки за подолг период
Според извештајот под наслов: „Одржливоста на развојните програми“ на Комитетот за поддршка на развојот (ДАЦ) концептот на одржливост може да се примени на три нивоа: а) одржливост на глобално ниво б) одржливост на организациско ниво, и в) одржливост на ниво на програма/проект.
Дефинирање на одржливост на проектно ниво Согласно „DAC“ критериумите за оценување на проекти (Париз, 1988 г.) еден проект може да се смета за одржлив кога може да генерира соодветно ниво на корист/придобивка во текот на подолг период по завршувањето на главната финансиска, управна и техничка поддршка од надворешниот донатор.
Тука фокусот е ставен на одржувањето на придобивките, бидејќи проектите се сметаат за специфични активности на донаторите со кои тие ги поддржуваат земјите во развој во постигнувањето на трајни придобивки, како генерални цели.
Чекори за обезбедување на одржливост на проектно ниво Одговорна за обезбедување одржливост на проектот е организацијата која го спроведува проектот. Таа треба да има организационен и управувачки капацитет кој може да обезбеди:
- Продолжување на услугата на проектот за целната група, подолг временски период по повлекување на донаторската помош, користејќи локални ресурси и/или
- Продолжување на услугата со мобилизација на нови надворешни фондови. Постојат неколку чекори кои треба да се следат при одредување на тоа дали организацијата што го спроведува проектот може да ја обезбеди и неговата одржливост:
Прво, треба да се најде одговор на прашањето која организација е задолжена за постигнување и одржување на некоја цел. Голем број цели треба да се постигнат, но не и да се одржат (постои разлика меѓу изградба и одржување пат). Затоа, можеби за постигнување и во одржување на една цел треба да се вклучат повеќе организации.
Второ, откако ќе се определи организацијата, се појавува прашањето за квалитетот на нејзините управувачки и организациски капацитети (човечките, материјалните и финанските ресурси, капацитети за планирање, раководење и контрола на проектот). Тоа е важно за постигнување, како и за одржување на целите на проектот.
Трето, ако од проверката се добие впечаток дека организацијата нема доволно средства и капацитети за управување, мора да се изврши дополнително тестирање. Овој пат, прашањето треба да се фокусира на тоа дали проектот произведува доволно средства за одбраната организација (или организациска единица) да може да биде зајкната во однос на нејзините управни и организациски капацитети.
Четвртото и последно прашање е поврзано со активностите кои организацијата би ги презела во врска со одржувањето на проектот. Тоа е некој вид контролно прашање и најчесто се поставува за да се определи мотивацијата за продолжување на проектот.
Фактори кои влијаат на одржливоста
Покрај осигурувањето дека организацијата е способна и мотивирана да ги изведува активностите и по завршување на поддршката од донаторот, одржливоста на ниво на проект е поврзана и со влијанието на различни фактори. Следните фактори можат да влијаат врз одржливоста на проектите:
- Политика на владата-домаќин: Развојните проекти се одвиваат во согласност со националната политика на земјата. Посветеноста и политиката на владите кои ги поддржуваат целите на проектот се клучни за одржливоста на развојните активности.
- Управување, организација и учество на локално ниво: Локалното управување е клучно за изработка на трајни програми и проекти. Управувањето вклучува одговорност за оформувањето политика, технолошката примена, поставувањето цели и добивањето поддршка од локалните политичките лидери, сродните организации и корисниците, како и одговорност за раководењето со внатрешните административни правила и процедури. Одржливоста се подобрува кога целите на проектот одговараат на административниот капацитет на локално ниво. Често, за програми и проекти чијашто корисност е директно поврзана со локалното население, учеството станува клучно за одржливоста. Локалното учество е интегрален дел на серијата придобивки кои се добиваат по завршувањето на активностите на донаторот.
- Финансиски фактори: Одржливоста бара доток на фондови со цел да се покријат операциите, одржувањето и намалувањето на инвестициите неопходни за продолжување на придобивките на проектот.
- Технолошки фактори: Одбраната технологија за активноста мора да биде соодветна на финансиските и институционалните капацитети на земјата и на целите на проектот или програмата.
- Социо-културни фактори: Интеграцијата на програмата во социјалната и културната клима на корисниците и оперативните услови, станува особено важна ако се сака активноста да не биде отфрлена по завршувањето на поддршката.
- Средински и еколошки фактори: Во голем број случаи, непланираниот развој го забрзува осиромашувањето на природните ресурси и се заканува на капацитетот на средината за нејзино обновување, а преку тоа & се заканува и на самата одржливост на проектите и програмите.
- Фактори кои што не можат однапред да се предвидат: Развојните програми и проекти, освен во наведените рамки, се одвиваат и во услови на постоечките политички, економски, институционални и културни услови кои се вон нивна контрола и влијание. Сепак, тие може да бидат длабоко погодени од евентуален негативен развој на тие околности, како на пр. политичка или економска нестабилност или природни катастрофи.
Релативната важност на збирот ефекти и активности од секоја од овие седум точки кои се однесуваат на одржливоста на развојните проекти и програми не може да се определи ако не се испита секоја ситуација посебно.
На презентираните фактори не треба да се гледа како на збир од строго определени услови врз кои треба да се засноваат проектите, ниту пак како на услови кои задолжително треба да се исполнат при изработката на проектот. Тие се еден вид „систем за рано предупредување“ во врска со факторите кои можат да имаат влијание на трајноста на придобивките кои се сака да се постигнат со развојните активности.
Како се планира еден одржлив проект:
1. Се дефинираат резултати и активностите кои треба да продолжат и по завршувањето на надворешната помош. 2. Се формулираат релевантните прашања во врска со секој од факторите на одржливост (прашањата и одговорите се различни за секоја фаза од проектниот циклус). 3. Преку овие прашања се анализираат целта, резултатите, активностите и претпоставките во врска со проектот. 4. Врз основа на одговорите: · се менуваат или се додаваат резултати, претпоставки или предуслови; · се започнуваат дополнителни анализи; · се формулираат препораките за имплементација.
Подготвила: Валентина Чичева (Користен материјал: Прирачник „Sustainability workshop, MDF“, Холандија) |