Лобирање преку граѓанскиот сектор
Анета Мишеска
Што значи лобирање?
За многу непрофитни организации (ГО), поимот лобирање има, пред с$, негативна конотација, или пак нему му се приоѓа со сомнителен интерес.
Некои луѓе дури и се плашат директно да им се обратат на донесувачите на одлуки, токму затоа што тие меѓусебно се оддалечени, а понекогаш дури граѓанскиот сектор и целосно го отфрла лобирањето.
Наједноставно кажано, лобирањето значи да се охрабри комуникацијата и адаптацијата; да се избегне стравот од успехот; или, пак, да се охрабри модификацијата на законите и регулативите – на локално, национално, па дури и на меѓународно ниво. Лобирањето подразбира давање мислења и сугестии, информирање и комуницирање со донесувачите на одлуките, со интенција да се влијае позитивно на нив, што пак значи остварување контакти со влијателни луѓе, односно со оние кои ги носат законите и правилата; остварување комуникација со надеж за искажување на граѓанските размислувања; разрашување аргументи од страна на опонентите и давање огромна поддршка за проблемот.
Кој се може да лобира?
Секој може да лобира. Имено, не треба да се биде претставник на некоја посебна организација. Дури и граѓанин, кој нема некој личен интерес за тоа, смее да се јави; да им пише или да закаже средба со донесувачите на одлуките и со тоа да ги изнесе своите видувања и информации за некој посебен проблем или закон.
Како да се почне да се лобира?
- Фокусирајте се на едно прашање: изберете едно посебно прашање кое Вас ве интересира и фокусирајте се на вашите методи и техники за лобирање околу тоа прашање; - Испитајте и дајте целосна поддршка на Вашето прашање. Не е доволно само да се има конкретни погледи и сфаќања за темата, туку Вие мора и да ги поддржите вашите погледи со веродостојност и точност, најнови информации од соодветни извори, публикации, студии, статистики, сведочења и сл. Бидете апсолутно сериозно подготвени на с$. Подгответе ги фактите за ударните точки од проблемот за којшто ќе се дискутира; - Јасно определете што сакате, вклучувајќи и некои специфични пораки за измена и акција. Предложете определен/конкретен јазик за секој предлог, што сакате да биде поддржан од оние кои ги носат одлуките. Припремете и алтернативни препораки кои ќе послужат како основа за преговарање. Побарајте помош од надворешни експерти, доколку е неопходно; - Подгответе кратка усна презентација, која ќе биде осмислена јасно, концизно и логички; Запомнете: Оние кои ги донесуваат одлуките може да не се запознаени со детали по однос на вашите прашања! - Дозволете вистината сама за себе да зборува. Не претерувајте со проблемите; - Создадете јасна стратегија за пристапување на проблемите. Кој: поединец/национална или регионална група/делегација/ министер или министерство? Како: писмено/лично – очи во очи/ телефонски/формално/неформално/групна средба/индивидуален состанок? Каде: на локално/национално/регионално/меѓународно ниво? - Информирајте се кога точно се одржува процесот за донесување на одлуката. Тоа ќе ви помогне навремено да ги средите сите документи и да се подготвите за презентирање/лобирање, а ќе ви помогне и да избегнете губење време и енергија околу прашања кои можеби веќе не постојат; - Информирајте се кој ќе одлучува и определете се кому ќе му пристапите/т.е. лобирате. Дознајте кој би ви помогнал, а кој би ви се спротиставил; истражувајте ги медиумите или распрашувајте се кај други ГО или поединци. Не се фокусирајте само на една единствена цел/личност; - Концентрирајте се на оние што ви се спротивставуват, но истовремено осигурајте се и за оние кои ќе ве поддржат и на вашиот пристап кон донесувачите на одлуките. И запомнете: оние што одлучуваат исто така лобираат и меѓу себе; - Дознајте ја позицијата/функцијата на секој што директно е засегнат со донесувањето на одлуката по тој проблем. Ако за нешто/некого не сте сигурни, тогаш истражете во медиумите, прашајте некоја група граѓани или други специфични организации; - Бидете современи и објективни во погледите на проблемот, на кој планирате да влијаете/лобирате вие и држете се до предложените легислативи/бирачи/средби и сл. Запомнете: еден алармантен електронски сервис може многу да помогне; - Знајте точно кога треба да се лобира. Процесот за донесување одлука често се издолжува дури и во времетраење и до 1 година. Најважно е во вистинскиот момент да ги насочите вашите напори за лобирање, а тоа практично значи дека кога треба да се лобира, имате ограничено време и извори. Да се знае крајниот рок за донесување на одлуката, ви овозможува вие да имате доволно време да остварите контакт, пред да биде донесена одлуката; - Внимавајте на неформалните процеси за донесување одлуки. Повеќе формални донесувања одлуки земаат учество во некој одбор или други неформални средби.
Начини за контактирање со донесувачите на закони:
- лично (очи во очи); - телефонски; - преку писмо, факс, електронски и сл.
Активирање лоби-група
Граѓанските иницијативи се водат од граѓаните, кои според сите демократски принципи ја имаат политичката моќ во една земја. Таа моќ потоа се делегира до политички субјекти (партии, асоцијации и независни кандидати). Тие групи на граѓани кои мислат дека во актуелната политичка агенда во државата недостигаат некои аспекти или идеи, организираат граѓански асоцијации за да ги актуелизираат овие прашања.
Актуелизацијата се прави преку лоби-групи, организирање проекти кои би служеле како пример за тоа како некои работи би требало да се прават, преку кампањи итн.
Во македонски контекст овие процеси се тешки. Можности за подобрување има многу. Дел од нив се искористуваат. Се чувствуваат извесни придвижувања во соработката на граѓанските организации и владиниот сектор. Во прилог на ова е и неодамна одржаниот форум за планот за Локален економски развој (ЛЕР) на иницијатива на центрите за поддршка на граѓанските организации од Прилеп, од Кичево и од Штип. Претставниците на граѓанскиот сектор се обидоа да влијаат на единиците на локалната самоуправа да бидат поодговорни на прашањата на развојот на локалната заедница. Освен претставниците на локалните самоуправи од Прилеп, од Велес и од Штип, на форумот присуствуваше и претставник на Министерството за економија.
Граѓанскиот сектор мора да се консолидира и координира во неговото дејствување за да се постигнат позитивни резултати при лобирането.
Кординирањето мора да се постигне преку заеднички проекти, кампањи и лоби-групи од различни организации кои делат ист интерес.
По многу прашања организациите од граѓанскиот сектор се многу поупатени и поинформирани од политичкиот сектор и затоа е потребна и алтернативна едукација и на политичкиот и на економскиот сектор, паралелно со лобирањето. А вакво влијание кај нас, во Македонија, е можно само преку координирано дејствување и добро осмислени стратегии.
Денес во Македонија постојат неколку илјади ГО (6000-7000), проследени со една секојдневна дилема во јавноста – каква корист има општеството од нив? Улогата на граѓанскиот сектор мора да биде насочена кон создавање услови за заштита на јавниот интерес од неконтролираната (зло)употреба на моќта на економијата и политиката. Кај граѓанскиот сектор во Македонија доминира настојување да се држи неполитички став кон општествените проблеми. Па, од ова може да се заклучи дека поголемиот дел од ГО во Македонија лобираат и се занимаваат со „општото добро”, т.е. со неутрални вредности. Наводното „недоразбирање” потекнува од несфаќањето дека граѓанското општество треба и мора да има политичка активна улога, што, пак, не значи и дека е дел од партиски профилираниот дел од општеството. Согласно демократскиот концепт на граѓанското општество, важи принципот на константно вклучување на граѓаните во работите на авторитетите и политичките институции. Граѓаните на Македонија немаат или ретко ја покажуваат својата моќ, односно немаат ефикасен механизам за реализација на нивната одговорност, согласно човековите права за подобрување на животот во заедницата и на оние од политичката и на оние од цивилната сфера.
Единствено олеснување е направено со вмрежувањето на граѓанскиот сектор преку центрите за поддршка на ГО кои наедно и посредуваат во соработката меѓу ГО, властите и бизнис-секторот преку организирање:
- Координативни состаноци и состаноци за вмрежување за локалните ГО; - Координација и вмрежување меѓу ГО и локалните власти, медиумите и другите корисници; - Активности за лобирање и застапување – организирајќи состаноци, тркалезни маси, форуми, кампањи и работилници за ГО и претставниците на одлучувачките тела со цел да ги идентификуваат заедничките проблеми на локално/регионално ниво; да ја помагаат размената на податоци за активности за лобирање и застапување во различните региони; а, поддржуваат и развивање заеднички акциски планови. Понатаму, центрите за поддршка на ГО нудат тренинг за лобирање и застапување, како и обуки за процедурите и надлежностите на локално и на регионално ниво (законска рамка за граѓански иницијативи, надлежности и процедури за дејствување на локалните и регионалните власти и јавни претпријатија).
По лобирањето
За да се олесни лобирањето и да стане подостапно за секого, пред с$ на локално ниво, важно е да постојат партнерства меѓу ГО и локалната власт.
Еве неколку совети за ГО:
- Помагајте во комуникацијата и дијалогот помеѓу граѓаните и локалната власт. Создавајте можности преку јавни средби, работилници, конференции, дебати, форуми, тркалезни маси и сл.; - Помагајте во образованието на граѓаните и подигнувањето на јавната свест за важни прашања од јаваната политика; - Одржувајте ја одговорноста на власта кон граѓаните, барајте информации, правите мониторинг на имплементацијата на законите, правилата, регулативите и политиките; - Слушајте ги и граѓаните коишто ги претставувате и локалната власт врз којашто сакате да извршите влијание; - Разберете ја локалната власт – како работи (или не работи), нејзините одговорности, нејзиниот буџет, пречките со кои се судира, нејзините приоритети и планови итн.; - Застапувајте ги интересите на граѓаните преку писма, телефонски јавувања, петиции и директни контакти со политичарите и одговорните лица од власта; - Подобро артикулирајте го тоа што го правите, зошто го правите и како го правите; - Бидете без предрасуди спрема локалната власт.
Совети за локалната власт
- Комуницирајте со вашите граѓани/гласачи. Не чекајте тие да контактираат со вас. Истражувајте ги нивните интереси и погледи; - Користете го граѓанскиот сектор како средство за комуникација со граѓаните; - Правете прес-конференции; публикувајте и дистрибуирајте информации за важни јавни политички прашања; - Известувајте ја јавноста однапред за предложените акции на власта; што работи таа, зошто и како; - Одговорете соодветно кон поплаките на граѓаните и барањето информации; - Одржувајте јавни состаноци и спроведувајте јавни истраги кои ќе бидат отворени за јавноста; - Формирајте борд на граѓански осветници, или уште подобро, различни советодавни комитети за посебни прашања или проблеми; - Немојте само да зборувате – слушајте ги и граѓаните што ги претставувате и ГО кои всушност се нивниот глас; - Запознајте ги ГО од вашата заедница – што работат, што се обидуваат да направат, зошто и како; - Бидете без предрасуди кон ГО и за тоа што можат да го направат тие за вас.
Понекогаш лобирањето преминува во преговорање
Но, тоа не е исто што и лобирањето. Еве неколку основни каректеристики/дефиниции по кои се разликува преговарањето од лобирањето:
- Користење здрав разум во услови кога сме под притисок, со цел да се постигнат целите на нашата организација при нејзината интеракција со други организации; - Вештина на победување; - Процес во кој поединец се обидува да наговори друг поединец да го смени, или да не го смени своето однесување; - Спогодување; - Градење долготрајни односи преку зачувување на достоинството на двете страни; - Највисока форма на продавање; - Процес, во кој поединецот се соочува со воени непријатели, терористи, работници или директори, купувачи или продавачи на стоки, услуги или недвижнини, со владини организации, како и со своите клиенти, познаници и роднини.
Клучни карактеристики на успешни лобирачи и преговарачи
1. Волја и способност за добро планирање на лобирањето/преговарањето; 2. Практична интелегенција; 3. Способност за добро расудување во стресни ситуации; 4. Познавање на материјата; 5. Комуникациски способности (вербални, аудио и визуелни); 6. Способност за толеранција на двосмисленост и конфликт; 7. Способност за препознавање и употреба на моќ; 8. Свесност за сопствен лимит и волја за барање поддршка; 9. Способност за работа со тимот за лобирање/преговарање; 10. Способност за сочувствување со “другата страна”; 11. Познавање на другата култура (при интернационално лобирање/преговарање); 12. Стрпливост; 13. Стабилен и неизбувлив карактер; 14. Интегритет и доверливост. |