Камелија Левенска – менаџер за односи со јавноста во МобиМак и претседател на Фондацијата МобиМак за Македонија
Хуманоста е секаде каде што се луѓето и таа е отсекогаш на овие простори
Вложувањето во сегашноста со почит кон минатото и визија за иднината, веруваме дека е единствениот пат кон подоброто и поубаво утре, за сите нас
Евидентно е активното совесно граѓанство на МобиМак, на што се должи тоа? Пред си би сакала да се заблагодарам на поканата за разговор на оваа тема и да ги поздравам Вашите иницијативи за потсетување на општественото одговорно однесување кое подеднакво не засега сите.
МобиМак како прв македонски мобилен оперататор, којшто опстојува од 1996 година, ја разбира својата морална и социјална должност да игра активна и позитивна улога во општеството.
Од јули, 2001 г., од оддвојувањето од Македонски телекомуникации, улогата на МобиМак како активен член од општеството е особено изразена. Принципите на квалитет, вредност и услуга се основните постулати на нашата филозофија на работење, но ние додадовме и четврт основен постулат – а тоа е совесното граѓанство.
МобиМак како компанија е присутна во секојдневниот живот на граѓаните преку своите услуги што ги нуди и како субјект кој е активно вклучен во процесите кои се одвиваат во општеството и средината во која живееме.
Вложувањето во сегашноста со почит кон минатото и визија за иднината, веруваме дека е единствениот пат кон подоброто и поубаво утре, за сите нас. Врз основа на дејствувањето на компанијата, во општеството се конципирани и концетричните кругови - симболот на МобиМак, кој од една страна со својот полн централен круг го симболизира човекот кој треба да е секогаш во центарот, а концентричните кругови ја симболизираат неговата поврзаност со опкружувањето - првиот концентричен круг е за семејството, вториот е за општеството. Оваа приказна ја раскажува и нашата насоченост за вложувања во центарот – во човекот и во она што е важно за него, за неговото семејство, за општеството. Нашата стратегија за совесно граѓанство ја изградивме токму на тие убедувања.
Многу пати ни се обратиле со прашањето зошто вложуваме со толкава динамика, што добива МобиМак за возврат или кои се резултатите од вложувањата.
Вложуваме затоа што чувствуваме потреба да возвраќаме во општеството во кое дејствуваме, тоа е наша одговорност, но и наша желба.
МобиМак е деловна компанија, а сепак има своја фондација – по примерот на други светски компании, како функционира таа и колку средства се досега вложени преку Фондацијата?
Со цел да се посветиме кон хуманитарните активности, директно и транспарентно, сакајќи да ги одвоиме спонзорирањата од донациите, во јули 2002 г., ја основавме Фондацијата МобиМак за Македонија, под мотото: хуманоста – како мотив и цел. Фондацијата МобиМак за Македонија е непрофитна организација, со управен одбор од 7 волонтери од редовите на менаџерскиот тим на МобиМак, зајакнат со надворешно стручно консултативно тело и секретаријат – избран од колегите во МобиМак. Мисијата на Фондацијата е да придонесе во развојот на различни сегменти од општестевеното живеење, по пат на иницирање, но и поддршка на активности за чија реализација генерира средства по различни основи. Секоја година изготвуваме годишна програма на активности, со свои проекти и акции, но отворени сме и за поддршка на проекти на надворешни лица и организации, кои се од општествен интерес согласно задачите и целите на Фондацијата. Средствата за реализирање на проектите на Фондацијата се главно од МобиМак, донации од вработените во МобиМак, од други компании, од граѓаните.
Преку јасно зацртаната стратегија на дејствување и детално планираната програма на активности, преку Фондацијата МобиМак за Македонија досега се вложени над 200.000 евра за поддршка на различни активности и проекти за доброто на заедницата.
Актуелни се хуманитарните телефонски броеви на Фондацијата, кои се резултатите од нивното функционирање?
Посебна гордост на Фондацијата е што ја ставивме технологијата во служба на хуманоста. На иницијатива на Светлана Петровска, која до неодамна беше претседател на Фонадијата, а сега е во Управниот одбор на Фондацијата, се подготви можноста за отворање хуманитарни броеви. Првиот број се отвори во февруари 2003 г. на барање на медиумите. Целта беше да ги поврземе граѓаните во еден круг на хуманост, во кој преку своите мобилни телефони можат да учествуваат во различни хуманитарни акции.
Сите акции се почнуваат по добивање детални податоци за потребите, консултации со медиумите и потпишување договор со примателот на средствата. Досега преку хуманитарните линии со македонските граѓани помогнавме на 18 поединци, а собраниот и дониран фонд од февруари 2003-тата до денес изнесува над 4 милиони денари. Освен за поединци, отворивме и хуманитарни броеви за поддршка на програмски активности на Црвениот крст на РМ, Специјалната олимпијада, граѓанската организација “Пеперутка”, Зоолошката градина во Скопје, а отворени сме за постојана соработка со медиумите за реализација на хуманитарни активности. Посебен број е отворен и на име на Миле Стојкоски – храбриот човек кој со инвалидска количка стигна на Олимпијадата во Атина, кој наскоро ќе замине на операција во Германија. Би споменала дека значењето на секоја од овие акции има голема хумана и обединувачка приказна. Во секоја од овие акции вклучени се и медиумите и граѓаните, желбата да се помогне е заедничка, мигот за краен позитивен резултат – враќањето од успешна операција и закрепнување, или пак завршена изградба на нешго ново и неопходно, ја очекуваме сите.
Наскоро ќе го обележиме отворањето на реновираниот Оддел за гастроентерохепатологија при Клиниката за детски болести – како резултат на акцијата со Време и ТВ А1 во која досега со свои донации од по 100,00 денари се клучија над 13.000 граѓани – корисници на МобиМак. Ова е прв пример на масовна акција со македонските граѓани за Македонија, по успехот на акцијата за помош на жртвите од цунами со Црвениот крст на РМ.
Што се однесува до каналите на донација на МобиМак, веќе ги имаме 8-те активни отворени по различни основи. Во процесот од отворање на еден број за донација до исплата на средствата на примателот на донацијата, вклучени се над 30 лица од МобиМак, секој во различен дел од процесот. Следењето и управувањето со процедурите е во надлежност на секретаријатот на Фондацијата (волонтери од МобиМак), секако во соработка со колегите од различни оддели.
Освен ваквите активности, Фондацијата МобиМак за Македонија континуирано е присутна во јавноста и низ други проекти!
Во нашата 3-годишна историја поддржавме над 20 проекти на граѓански организации, стипендиравме 10 талентирани деца, имаме организација на веќе традиционална трка со хуманитарен карактер која секоја година ја селиме во друг град, отворивме детско катче во паркот во Битола, организирваме бројни донаторски активности за лица со хендикеп и деца без родители низ цела Македонија...
Активно сме вклучени во проектот за ревитализација на скопската Зоолошка градина, учествуваме во бројни помали или поголеми активности во соработка со управата на Зоолошката градина, а го изградивме и надворешниот дел од кафезот на шимпанзото Коко.
Согласно стратегијата на МобиМак и програмските активности на Фондацијата е и поддршката на традиционалните вредности – основни се истражувањата на Археолошкиот локалитет Вардарски Рид кај Гевгелија, а учествуваме и во реновирањето на манастирите Свети Јоаким Осоговски и Свети Јован Бигорски.
Во акциите на Фондацијата се активно вклучени и наши соработници, како Калиопи, тимот на М2, Адријан Гаџа, децата од Златно славејче, ексклузивците на Авалон и други, а за сите печатени материјали веќе 3 години имаме несебична поддршка од печатницата Европа 92.
Сепак, нам ни се во фокусот децата и лицата со специјални потреби и речиси во сите проекти влегуваме со размислата – што е добро за децата денес и што е добро за нивното утре. Фондацијата е млада, учиме од веќе етаблираните граѓански организации, соработуваме со нив, заеднички влегуваме во реализација на различни проекти, се поддржуваме. Наедно ги користиме и ресурсите на МобиМак, не само интерните човечки потенцијали и технолошки капацитети, туку и контактите на компанијата со други субјекти од бизнис-секторот. Имено, голем дел од активностите на Фондацијата немаше да се случат, или пак не толку брзо и комплетно, доколку не постоеше поддршката на други хумани компании - партнери на МобиМак, како на пример, за градежните зафати на Клиниката за детски болести, училиштето Златан Сремац, Центарот за болка во Скопје, Домот за доенчиња во Битола, Зоолошката градина, за компјутеризација на Клиниката за белодробни заболувања во Козле, Центарот Кочо Рацин во Битола, Зоолошката градина во Битола и други.
Што би одвоиле од активностите за 2005-та?
Во планот за 2005-та ни е отворањето детски паркови во Скопје и во Тетово, помош во уредувањето нов скејт-парк во Скопје, стипендирање на 10 талентирани деца без родители, ни очекува организација на трката Сите на тркала за забава и хуманост, во Струмица, промоција на новата книга за Вардарски Рид, организација на детски манифестации, изградба на внатрешниот дел од кафезот на Коко, бројни донаторски активности, акции за расчистување и пошумување и друго. Соработката со Специјалната олимпијада, граѓанските организации: Полио плус, Иднина и Пеперутка продолжува, а продолжува и соработката со медиумите за нови, заеднички акции. Хуманитарните броеви постојано се отворени и по завршувањето на една акција се пренаменуваат за друга, во зависност од потребите.
Се вели дека денес хуманоста е во тренд!
Велат дека денес хуманоста е во тренд, но всушност хуманоста е секаде каде што се луѓето и таа е отсекогаш на овие простори. Чувството за тренд го донесоа медиумите кои си посесрдно влегуваат во иницирање или поддршка на акции и со тоа ги омасовуваат.
Сигурна сум дека тука голема улога игра тоа што последниве 2 години во Македонија ја ставивме технологијата во служба на хуманоста, па телефонијата ја прифативме како најдостапен канал за масовно донирање помали суми. Со тоа се отворија можностите уште поголем број граѓани да помогнат на другиот, но да се збогатат и себеси со чувство на хуманост.
Македонија е мала, народот е добар и хуман, заедно сакаме и можеме да си помогнеме. Секоја сериозно започната иницијатива ќе има успешна реализација, доколку & се пријде темелно, со почит и посветеност. Зад успешните акции не стои никогаш само еден човек или една компанија, хуманоста е синџир од многу алки. Секоја идеја ќе остане само добра намера, доколку не се анимира целиот синџир.
|