Погледи
Очи широко отворени (2)
И, повторно за свеста, умот, потсвеста, но ќе се обидам заеднички да ја допреме суштината на живеењето. Колку за потсетување: на часовите по биологија уште во основно училиште ќе Ве научат дека живите организами се поделени на растителен и животински свет, и човекот.
А на еволутивната скала, иако човекот морфолошки, анатомски, биохемиски и физиолошки, всушност е припадник на животинскиот свет, сепак УМОТ бил тој што го издвојувал на едно повисоко скалило од сиот останат животински свет.
Изучив студии по биологија, работам петнаесет години во областа на заштита на животната средина, создавам развојни програми за подобрување на квалитетот на животната средина, подобрување на управувањето со сета природа што н$ опкружува, наменето за надлежните институции, за граѓанските организации, и непречено им ја давам својата животна енергија на другите луѓе во текот на безбројните работилници, лекции, средби... Но, с$ уште не најдов одговор на едно прашање: ако човекот е толку универзално суштество заради својот прекрасен УМ кој евидентно создал многу генијални творби низ своето постоење (битисување), тогаш ШТО е она што истото тоа човечко суштество го тера истовремено и да уништува? Ако УМОТ создава, може ли истиот тој прекрасен УМ и да уништува?
Одам во природата и разговарам со стеблата на дрвјата кои во себе кријат многугодишна мудрост; ги прашувам шумските цвеќиња кои се доволно мудри да создадат неверојатна палета од бои за одговорот на моето прашање. Ги прашувам славеите чиј прекрасен ум создава смирувачка мелодија, чинам само за моите уши.
Сиот живот во природата е неверојатно магично осмислен и создаден, НЕШТО што биолозите го нарекуваат „синџир на исхрана” со сите свои чудни техники на преживување. Стигнувам до неиздашен силен извор на кој ја сретнувам следната порака од Учителот:
„Браќа и сестри, родители и деца, мајки и татковци, учители и ученици, господари и слуги: Отворете го своето срце кон Доброто и станете како овој Извор”.
Врвните научници во светот бавно, но сигурно веќе доаѓаат до одговорот којшто со векови беше универзално и успешно прикриван од Умот (човекот). Со помош на ултрамодерни апарати (патем, да не заборавиме дека истите ги создаде Умот), стигна до најситните честички на материјата, првенствено мислејќи дека се тоа јадрото и електронот, потоа навлезе и во неутронот, а сега се наоѓа пред неверојатното откритие дека и во неутронот има НЕШТО. Па така наскоро и научно ќе се покаже дека тоа НЕШТО се наоѓа во сето она што го гледаме околу нас, во нас, рацете, нозете, главата, ткивата, клетките, цитоплазмата, органелите, ДНК, молекулите и атомите на ДНК .... Исус тоа НЕШТО го нарекол Отец Бог Создател, Мохамед тоа НЕШТО го нарекол Алах Творец и Создател, Вивекананда тоа НЕШТО го нарекол Антар Мона (Внатрешен Сведок), Сатја Саи Баба н$ учи дека ние сме отелотворување на Бог... Но кога ќе дојдам до таа „крајна” точка (ако воопшто може да се каже дека тука е „крајот”), јас повторно се прашувам: каде е тука Умот? Ако Создателот се наоѓа во сите оние дрвја, цветови и славеи кои ме упатија кон ова сознание, ако се наоѓа во целото мое битие (ЈАС), ако се наоѓа во целото твое битие, во сите луѓе на целиот свет, во целиот универзум (кој патем речено можеме сите да го доживееме со очи и со срце широко отворени), тогаш се наоѓа ли истиот и во Умот човечки?
Оти ако НЕШТОТО се наоѓа и во Умот човечки, повторно се враќам на „мртвата точка” со мојот сопствен нерешен конфликт: не можам, ама баш не можам (или мојот Ум не може) да разбере КОЈ е тој што ги убива рибите во реките со динамит, КОЈ е тој што ги пали шумите за да си направел пасишта (овците бездруго ќе си ја најдат најдобрата трева за себеси), КОЈ е тој што 16 пати ги прска овошките за да иструе с$ живо што ќе се појави (а притоа не умствувајќи дека се труе и самиот себеси)...
КОЈ е тој што сето мудро и генијално создадено толку едноставно го уништува?
|