Во неготинското село Прждево успешно се реализира заем на МРФП
Современото производство обезбеди сигурен пласман
Во неготинското село Прждево, во Повардарието, во рамките на програмата којашто ја спроведува Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), и на почетокот на оваа есен, благодарение на исплатениот заем со финансиско посредство на Тутунска банка, скопската фабрика СИКА на едно место ќе ги собере производителите на познатата црвена пиперка за да го откупи родот од чијашто вредност зависи буџетот на десет семејства.
Заемот е во вредност од 46.000 евра и е дел од исплатените заеми на МРФП во периодот од јули до септември мината година, а влегува во т.н. тип еден, од постоечките три типа, преку кои Фондацијата продолжува да освојува нови полиња и да иницира иновации за поголем опфат на нови корисници, со намалување на ризикот, како и воспоставување нови продукти и услуги, мобилизација на ресурси и др.
Од досегашната работа и соработка со сите вклучени страни, меѓу кои и Македонскиот центар за меѓународна соработка како раководство на Фондацијата, се задоволни во СИКА, за што говори и директорката Соња Исаева:
“Ова е наше прво искуство со кредит од ваков тип, но и прво искуство и за вклучените земјоделци, производители на пипер. Ние ја направивме селекцијата на производителите врз основа на претходно стекнатите позитивни искуства, иако имавме повеќе барања за учество и на други земјоделски семејства.
Позитивната страна од кредитирањето е што земјоделците на овој начин можат да дојдат до пари за да си купат основни средства за работа, ѓубриво, семенски материјал, но ризикот од плодноста на годината секогаш постои. Ризикот, но и обврската за враќање на кредитот во име на земјоделците, го преземаме ние. Замјоделците добија по 400.000 денари со обврска да ги вратат за три години. Сега-засега с$ функционира беспрекорно. Морам да нагласам дека во Прждево се произведува на најосновен начин, со минимални технички средства, а на овој начин ние им помагаме да имаат сигурен пласман на произведеното, бидејќи им плаќаме веднаш, при самиот откуп. Добро е да постојат повеќе фирми кои на ваков начин ќе им помагаат на производителите, но нашето досегашно искуство говори и дека во процесот на работа с$ уште е присутна недоверба од двете страни којашто може да се надминува само со взаемна работа. Освен договорот за извршена работа, ние немаме никаква гаранција дека производителот ќе ни го донесе родот нам, гаранција е единствено навремената исплата.
Фабриката СИКА постои 15 години. Претходно откупувавме сува пиперка, но сега, со новиот начин преку изградбата на сушилница во селото, таа се откупува директно од нива, по што следува процес на миење и сушење со што се постигнува потребната биолошка исправност, која, пак, го обезбедува потребниот извоз. Освен во Македонија, мелена пиперка извезуваме и во Швајцарија, во Германија, во Хрватска, во Словенија, а од неодамна и само сушена во Австралија. Постои можност производството да се прошири, а мислам дека е неминовно земјоделците да се откажат од производство на другите култури во селото: пченка, тутун, грозје и да се фокусираат на еден земјоделски производ со што ќе се постигнат повеќе резултати, но за да се постигне тој степен, на земјоделците им е неопходна едукација. Тие годинава веќе ги гледаат резулатите од вложеното и можат да прават разлика#.
А во селото Прждево жителите говорат со голем респект за новиот начин на обезбедување подобри услови за производство и откуп на пиперката, бидејќи заемот од МРФП им нуди подобри услови за работа, ја зголемува сезонската вработеност, а пред сЎ обезбедува сигурен откуп, проблем со кој години нананзад се соочуваат најголем дел од земјоделците во земјава.
Семејниот бизнис на СИКА пред 30 години го започнал таткото на Соња, Атанас Атанасов, родум од Прждево, село во кое отсеко гаш се садел пипер, афион, анасон, но и други погоре споменати земјоделски производи. Тој започнал со мелење пиперки правејќи најнапред еден мелнички камен во дворот на куќата, па потоа уште еден, со што жителите добиле можност во самото село да го мелат исушениот пипер, кој претходно морале да го носат на воденици крај реките Бошава и Дошница. Мелниците во неговиот двор сЎ уште се активни и во нив жителите од Неготино, Демир Капија, Штип и од Валандово мелат не само пипер, туку и жито.
“Откако ја направивме со сопствени инвестиции сушилницата во селото, имаме многу работа, многу побарувања за откуп на сурова, здрава пиперка. Од 500 тона откупен суров пипер годишно, добиваме 50 тона готов производ. “Нивјето каде расте пиперот се наоѓаат крај Вардар, под автопатот и се многу мачни за работа, бидејќи до нив с$ уште не постои добро направен пат. Но сега ни е полесно бидејќи ја имаме сушилницата во селото и не мора сами и да го сушиме пиперот” - вели Павлина Димова, една од членовите на десетте семејства вклучени во заемот на МРФП. Вклучените семејства со добиениот заем за свои потреби купуват трактори, приколки, пумпи за наводнување, ѓубрива, потребни заштитни средства, со верба дека истиот ќе можат навреме и да го вратат со континуирано производство.
Павлина Илиева, пак, незадоволна од сегашниот живот во селото, потенцира дека иако сега во него има сЎ, мислејќи на постоечката амбуланта и телефон, сепак најголем проблем за сите претставува немањето постојана работа. Ја нагласува добрата соработка со Атанас и заемот со кој нејзиното семејство може да ги купи основните средства за работа, не пропуштајќи да каже дека жителите се с$ посиромашни и дека многумина чекаат да земат некои сезонски пари за да ги платат трошоците за храна. “Во минатото садевме многу повеќе култури, но сега не, бидејќи гледаме дека нема откуп, дека трудот не се исплатува”. Со носењето на собраниот пипер во сушилницата и со добивање средстства за откуп, земјоделците се раздолжуваат за заемот и со добиените средства од откупот можат да го планираат производството за идната година.
“Сушилницата има можности да обработува и други култури, не само голем број зеленчуци, туку и одредени видови овошје, но за тоа ни се потребни поголеми обртни средства” - вели Атанас. “Веќе две години ја користиме сушилницата за чијашто изградба и опремување исто така зедовме заем од Тутунска банка. Нејзиното постоење донесе новина во селото, околу 40-тина жители работат сезонски два месеца, а 4 се постојано вработени. Тие месеци кога се врши откупот селото на некој начин оживува, се работи во три смени, а со текот на годините се придонесува во развој на селото воопшто”.
Во внатрешноста на современо уредената сушилница може да се види како се одвива целиот процес, од добивањето на целата пиперка, преку процесот на селектирање, миење и претворање во црвен прав кој се користи во исхраната. Во неа се носи пипер за преработка и од Штип, од Радовиш, од Криволак, од Пепелиште, од Неготино, од селата Тремник, Тимјаник и од други места.
“Во минатото бевме поголемо, побројно и побогато село, а сега опаднавме, ни избегаа младите. Наш најголем проблем е немањето систем за наводнување, годините се сушни. Можност за производство има колку што сакаш, бидејќи земјата е златна, многу е плодна и раѓа с$” - вели 67-годишниот Јордан Димов кој потенцира дека политичарите на секои избори ветуваат дека ќе го средат проблемот со наводнувањето, но дека тоа се сепак само ветувања. Жителите имаат проблем и со водоснабдувањето и се случува во летниот период да има многу малку вода, а тие се принудени и да се снаоѓаат на најразлични начини. Старото име на Прждево е Слатина, а новото, како што велат жителите, е добиено поради судбината која ги “пржела” неговите жители. Дел од жителите на селото не се премногу ентузијасти дека набрзо нешто сериозно ќе се промени во селото, но посакуваат да има повеќе фирми како СИКА и заеми кои би ја оживеале моќта што ја поседуваат земјата и нејзините жители.
|