Евроинтеграцијата во работата на дел од граѓанските организации
Пат кој се трасира со информации, но без меѓусебна координација
Европското движење во Република Македонија (ЕДРМ) кое годинава ја доби наградата на МЦМС за граѓанско општество и демократија за постигнување во претходната година “Херт Јан ван Апелдорн” е основано во 1991 година, од 1992 година е официјална членка на Меѓународното европско движење во Брисел, а од 1993 година го има статусот на полноправна членка. Денес, во процесот на зголемување на бројот на граѓанските организации во Македонија кои работат на полето на евроинтеграциите, неговото искуство е од голема полза. Преставничката на тимот на Движењето, Лидија Неделковска, која, меѓу другото, беше иницијатор и за покренување широка акција за координирање и поврзување на европските движења од земјите на Југоисточна Европа и одржување состанок со нивните претседатели минатата година во Скопје, каде е оформен и документ циркулиран во јунскиот самит на ЕУ во Солун, потенцира дека дејствувањето на Движењето може да се подели на две фази. Првата фаза на ЕДРМ е поврзана со лоби-активностите на основачите, еминентни интелектуалци околу признавањето на Македонија, а втората од 1999 година до денес со приближување на европската идеја во Македонија, со афирмација на македонските постигнувања на европско ниво. “Две години по ред работиме и на реализирање на иницијативата за информирање на граѓаните за европската институционална посветеност која не е позната во нашето образование, при што минатата година со едукација на средношколци опфативме 9 града, а годинава планираме бројот да биде зголемен. Материјалот е прилагоден на наши услови, предавачите се постдипломци на Филолошкиот факултет за евроинтеграции, а едукацијата се спроведува преку општински и регионални квизови на знаење. Наша интенција е во средното образование да се воведе посебен предмет посветен на интеграциите во ЕУ. Европското движење работи и на едукација на возрасни, преку програмата Темпус каде е вклучен Секторот за евроинтеграции и Правниот факултет преку формиран тим кој едуцира 5 профили на занимања: професори, државни службеници, европски ориентирани новинари и стопанственици. Предавачите се од Европскиот институт во Бриж и од Европскиот универзитет во Лондон, обуката е бесплатна, а слушателите добиваат и сертификати. За идната година Неделковска најавува започнување двегодишен проект преку програмата КАРДС за европеизација и јакнење на граѓанскиот сектор која ќе трае 20 месеци и преку различни активности ќе се реализира скоро во сите делови на Македонија. “Во интензивни подготовки сме да отвориме европски институт во соработка со делегацијата на Европската комисија. Во најголем број европски земји институтите се отворени под капа на Европското движење во матичната земја и се дел од глобалната политика на Меѓународното европско движење” - истакнува Неделковска, споменувајќи дека нивната ориентација за работа е насочена кон младите како носители на идните промени и развој. Соработката со Секторот за евроинтеграции таа ја оцени како добра, без разлика на менувањето на владејачките гарнитури во изминатиот период, а како таква ја смета и соработката со Европската комисија, но и со локалните власти. Европското движење за Македонија ја реализира и Школата за политика, голем европски проект каде се инкорпорирани содржини од областа на економијата, политиката, мировните студии, човековите права, бизнисот и политиката.
Европска куќа
Во процесот на информирање и едукација на младите во Македонија за актуелните процеси на евроинтеграцијата е вклучена и организацијата Европска куќа, формирана во 1999 година, чиишто претставници, претседателот Зоран Димитров и генералниот секретар Тони Масевски, потенцираат дека нејзина идеја не е да работи на интеграциите во ЕУ како Секторот за евроинтеграции, туку со млади луѓе да помогне онаму каде што државните институции не можат да го постигнат потребното. Поради тоа, активностите на Европска куќа првенствено се врзани за проектот “Европа во школо” започнат во 2002 година, кој се вклопува во нивната интенција којашто е во согласност со Младинскиот форум на Централна и Источна Европа да се реализираат тематски и долгорочни активности. “Европа во школо” се работи на годишна основа, но во Европа трае 50 години. Интенција е проектот на којшто работат да влезе во училиштата, за што се соработува со Министерството за образование и наука и Бирото за развој. Европска куќа е задоволна од досегашниот тек на спроведувањето на тематските ликовни и литературни натпревари кои досега се реализирале во 10 средни училишта, со најава дека во фазата која следува бројот ќе се прошири на 100 училишта низ Македонија. Натпреварите се одвиваат на мајчин јазик на ниво на училиште, а во национална конкуренција творбите се преведуваат на македонски јазик. На членовите на Европска куќа им недостасуваат обуки за активности поврзани со процесите во ЕУ, а сметаат дека постои потреба владиниот сектор да одреди што во овој процес на интеграција во ЕУ треба да работат ЗГ, а што Владата.
“Освен во Словенија, во ниедна земја граѓанскиот сектор не се третира како партнер во процесот на интеграција во ЕУ” напоменуваат тие, и сметаат дека само со партнерски однос може да не се повторуваат исти активности и непотребно да се фрлаат пари. “Потребно е да се направи некое тело коешто ќе информира и координира, ќе врши систематизација на работата на двата сектора, владиниот сектор и граѓанскиот сектор. Јавното мислење треба да се почитува, но и континуирано да се информираат граѓаните што е ЕУ, кој е незјиниот процес на функционирање, кои се добрите, а кои лошите страни” – сметаат Димитров и Масевски.
Македонски центар за европско образование
И Македонскиот центар за европско образование со своето мото “Подгответе се за Европа” на прв поглед асоцира на неопходноста од информирање и едукација на широк профил на граѓани за различните аспекти од организираноста и функционирањето на ЕУ. Овој центар, основан во декември 2002 година, од група овластени обучувачи за прашањата на Европската Унија, за своја мисија го смета служењето на јавниот интерес со афирмација на придобивките од интеграцијата во ЕУ преку обука, консултантски услуги и лобирање за промени. Тие развиле програма за европска обука која, како што потенцираат самите, е изготвена да му помогне секому да напредува во својата кариера во јавната администрација, стопанството или политиката, во медиумите и во граѓанското општество, што наедно треба да го олесни процесот на европската интеграција во Македонија. Програмата ги пренесува основните принципи на европската интеграција, политиките и институциите на Европската Унија, Економската монетарна унија, правото на европските заедници, како и пристапот на Република Македонија кон овој процес.
За разлика од другите обучувачи од регионот, работата на македонските обучувачи е институционализирана, а процесот на едукација е поврзан со изработка на модули за обука, кои првично се изработени и пренесени од страна на експерти од странство, а подоцна и од самите членови на МЦЕТ, бидејќи, како што вели претседателката Лидија Димова, “наше е чувството што ни треба во Македонија, според тоа ги правиме модулите и им ги нудиме на корисниците”.
Во досегашниот процес на работа таа е задоволна од соработката со Секторот за евроинтеграции, за кој е врзана работата на заеднички работилници, но и му забележува за пролонгирањето на работилниците, што доведува до често менување на модулите. Оценувајќи го нивото на информираност на конзументите на обуките, таа вели дека на нашите државни службеници им се потребни базични информации коишто им се нудат заедно со техничките информации што ги добиваат од експерти. “Обуките за нив ги нарачува Владата, а ние оценуваме каков модул им е потребен”. За преставниците на институциите се организираат обуки со стандардни теми, кои се интегрирани во сите модули: политички и економски причини за европска интеграција, процесот на стабилизација и асоцијација, Спогодбата за стабилизација и асоцијација и програмата КАРДС, како и Европското партнерство.
МЦЕТ работи и со ЗГ преку бесплатни работилници кои се реализираат во ресурсните центри на ФИООМ, при што ЗГ добиваат воведен модул со 10 области, од поопшти информации, до оние кои го засегаат националното ниво. “Информираноста е лоша и кај преставниците на државните институции и кај граѓанскиот сектор, но мотивираноста на ЗГ е поголема. Државните службеници знаат нешто, но поголем дел од тоа е погрешно, па е потребен поголем напор да се исправи грешката, а членовите на ЗГ кои доаѓаат на обуките се млади луѓе. Проблемот во врска со информираноста лежи во Владата, во информациите од медиумите. И новинарите грешат во суштествените прашања поврзани со ЕУ, но с$ уште не пројавиле интерес за обука. “Ние сме здружение на граѓани кое нуди производи што можат да донесат финансиски средства, поради тоа и странските консултантски фирми н$ знаат и н$ вклучуваат за да им испорачаме обуки што можат да ги платат тие” - потенцира Димова.
Планот на Македонскиот центар за едукација е за две до три години да има консултантска фирма за да може сегашната граѓанска организација да се занимава со застапување, но и да се отворат кон други профили на обучувачи од правниот сектор, внатрешниот пазар, комуникациите, државната помош, царинската управа, животната средина, културата, судовите, внатрешната политика, индустриската сопственост и др.
Трите организации покриваат само мал дел од многуте постоечки и неопходни сегменти од актуелниот процес на интеграција во ЕУ, но она што во оваа фаза се покажува како проблем е фактот дека тие многу малку или воопшто не се меѓусебно информирани за постоењето и работата на другиот. Меѓусебната неинформираност како пречка, кога тогаш, ќе се појави, затоа што заедничкиот круг секојдневно им се зголемува.
|