Соња Стефановска-Трајаноска, програмски соработник, и Анита Коџоман, координатор на програми за животна средина, УНДП
Програмата на УНДП е длабоко вградена во развојната агенда на Македонија
Очекуваме да биде промовирана програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, која директно ќе отвори можности за поблиска соработка со граѓанските организации
Низ какви форми на дејствување од отворањето на Канцеларијата на Програмата за развојна помош на Обединетите нации, до денес, работите на подигањето на развојот на граѓанското општество во Македонија? Мандатот на УНДП да работи на одржлив човеков развој, кој ги става луѓето во центарот на развојот, не може да се постигне без соработка со граѓанскиот сектор. Со оглед на колективната моќ на граѓанскиот сектор во градење на социјалната, економската и политичката агенда на локално, на национално и на глобално ниво, јасно е дека зајакнувањето на партнерството со граѓанскиот сектор е суштинско УНДП да остане релевантен и ефективен партнер во развојот. Во таа смисла, УНДП се обидува постојано да прави чекор напред во проширување и продлабочување на соработката со граѓанскиот сектор на сите нивоа на работење. Досега, УНДП има остварено повеќе форми на соработка со граѓанското општество, особено на локално ниво, каде претставниците на граѓанското општество се активно вклучени како стратешки партнери на УНДП во реализацијата на развојните активности. Примери и форми има повеќе, но можеби најзначајни се оние каде УНДП успева да создаде простор за суштински дијалог на локално ниво помеѓу локалните власти, приватниот сектор и граѓанското општество за идентификување на развојните приоритети, како и креирање, реализација и следење на развојните политики. Со тоа, УНДП дава целосно признание на улогата којашто ја има и треба да ја има граѓанскиот сектор во развојот, а со тоа наедно се придонесува за јакнење на капацитетите на секторот да стане активен и силен партнер на другите два сектора. Во соработката со граѓанскиот сектор, истовремено се земаат предвид вредностите коишто ги застапуваат граѓанските организации во смисла на парадигмата за човеков развој како основа за дијалог, дејствување и заеднички активности и кампањи со граѓанскиот сектор.
Кои се Вашите досегашни искуства во реализација на проектите со државните институции од една и со граѓанските организации од друга страна? Може ли да одвоите одредени илустративни примери за успешна соработка, но и типични проблеми за земјава во реализација на проектите? Искуствата се главно позитивни и процесот на градење взаемна доверба истовремено подразбира заедничко разбирање на нашата комплементарна улога во развојот, како и на потенцијалот што го носи нашата соработка. Сепак, поради големите разлики во големината, софистицираноста и диверзитетот на граѓанскиот сектор не може да се унифицираат впечатоците. Она на што треба повеќе да се фокусираат граѓанските организации е можеби процесот на саморегулација, што можеби изгледа како тешка битка, но сепак постои добра основа за напредок во таа насока. Во смисла на надворешните причини, финансиите од донатори и можноста за зголемено финансирање на граѓанскиот сектор преку подобрување на кредибилноста, може да биде причина да се стимулираат граѓанските организации за поголема саморегулатива. Доколку се воспостават такви механизми на поефикасна и потранспарентна саморегулација, ќе дојде до ефективно мониторирање кое пак ќе обезбеди начин за мерење на резултатите од работењето на граѓанскиот сектор. Ова е од голема важност бидејќи Македонија поминува низ процес на понатамошно додефинирање на односите и карактерот на партнерства помеѓу граѓанскиот сектор и властите каде нецелосно се дефинирани нивоата на институционализација и независност на граѓанскиот сектор од власта. Највидливиот предизвик во тој однос е перципираниот недостаток на отчетност и саморегулација во рамките на граѓанскиот сектор. Во таа смисла, промовирањето механизми за саморегулација и отчетност во рамките на граѓанскиот сектор е исто така од стратешки интерес за зајакнување на односите помеѓу граѓанскиот, владиниот и приватниот сектор, како и добра референца за соработка со меѓународните организации, како што е УНДП.
Во однос на мандатот и заложбите на УНДП, сметаме дека ниту Владата, ниту граѓанскиот сектор, ниту УНДП можат сами да работат на постигнување одржлив човеков развој. Таквата цел подразбира активно учество и партнерство на сите страни, додека УНДП се нуди како сојузник на Владата, граѓанскиот и приватниот сектор во борбата за постигнување квалитетен и одржлив развој. Досега соработката и со владините и со граѓанските институции и организации, на национално и на локално ниво, се покажа како конструктивна и позитивна, иако, се разбира, постојано се бараат подобри, посуштински и поефикасни механизми и начини за соработка. Речиси и нема проект во УНДП во кој на некој начин не е вклучен граѓанскиот сектор: понекогаш во изведување обуки и реализација на кампањи, во разни облици на советодавни групи на локално ниво, во реализација на специфични компоненти од проектите итн. Граѓанската платформа, на пример, беше суштински вклучена во подготовката на првиот Извештај за милениумските развојни цели во Македонија. Значи, чекорите се големи и значајни и оваа иницијатива е на некој начин придонес кон понатамошно воведување на граѓанското општество во т.н. „мејнстрим” на јавните работи што влијаат на намалувањето на сиромаштијата. Понатаму, Канцеларијата на проектот Парк Преспа во Ресен помогна за асоцирањето на неколку граѓански организации коишто работат на полето на земјоделството и истите се сега носители и корисници на проект чија цел е намалување на негативните влијанија од земјоделството во сливот на Преспанското Езеро.
Колкава е отвореноста и заинтересираноста на граѓанските организации за работа со Канцеларијата на УНДП? Граѓанските организации на различен начин гледаат на УНДП и често ни се обраќаат со конкректни проекти. Се обидуваме да дадеме појаснување за мандатот и начинот на функционирање на УНДП и да објасниме дека УНДП работи според договорена програмска рамка со јасно дефинирани цели и активности. Доколку стратешки се препознаеме во реализацијата на тие цели и активности, можеме да оствариме соработка, а формите и механизмите можат да бидат навистина креативни. Секако дека претпочитаме дијалог и партнерства за развојот, и доколку тука се препознаеме, тогаш с$ оди полесно. Генерално, постои интерес од страна на граѓанските организации за УНДП, но понекогаш на чисто проектно, изолирано ниво. И граѓанскиот сектор треба да ги препознае своите предности и недостатоци, да ги знае јасно своите цели и вредности, и тогаш секако ќе се сретнеме во заложбите. Партнерствата се засноваат на принципот на хоризонтален однос, т.е. иако сме институционално различни, имаме специфична тежина во промовирање на истите развојни цели, особено во смисла на намалувањето на сиромаштијата преку одржлив човеков развој. Односот се заснова на взаемна доверба којашто мора да се стекне и да се негува.
Многу наскоро, очекуваме да биде промовирана програмата за мали грантови на Глобалниот еколошки фонд, која директно ќе отвори можности за поблиска соработка со граѓанските организации. Оваа програма обезбедува финансиски средства за граѓански организации и здруженија на граѓани во областите на биодиверзитет, климатски промени, меѓународни води, опустинување и истата ќе овозможи да се адресираат одредени локални проблеми поврзани со животната средина и истовремено да се подигне свеста за потребата од одржливо искористување на природните ресурси.
Програмата за развојна помош на Обединетите нации има увид во развојот на националната развојна состојба и се стреми кон идентификација на клучните предизвици поврзани со развојот на земјата. Која е вашата последна слика за состојбата во Македонија и на што сте фокусирани годинава? Иако состојбата во Македонија постепено се подобрува, сепак земјата с$ уште се соочува со бројни предизвици. Ние сме тука да помогнеме во процесот на надминување на овие предизвици, па затоа и нашата програма е длабоко вградена во развојната агенда на Македонија и е усогласена со заложбите на земјата за интеграција во Европската Унија.
Во моментот помагаме во процесот на реформи во локалната самоуправа и во координација со националните институции и другите донатори, ние даваме совети и поддршка за децентрализацијата и зајакнувањето на општините, преку нашите програми за градење капацитети на локалната администрација. Исто така, ги здружуваме Владата, локалните власти, приватниот сектор, граѓанското општество и донаторите со цел да се промовираат економските реформи, да се создаде поволна економска клима и да се стимулираат можностите за генерирање приходи. Програмата на УНДП се залага за унапредување поволна бизнис-клима, здрав и одржлив растеж на приватниот сектор, создавање работни места и економско интегрирање на маргинилизираните заедници. Исто така, помагаме во зајакнувањето на постоечката политика во управувањето со животната средина и одржливиот развој, притоа поттикнувајќи ја регионалната и прекуграничната соработка. Во рамките на семејството на Обединетите нации, УНДП ги гради националните капацитети за превентивен кризен менаџмент и спречување на влијанието на природните катастрофи преку давање итен одговор - а заедно со другите агенции на ОН во Македонија, & помагаме на земјата во нејзиниот стремеж кон остварување на Милениумските развојни цели, чие остварување ќе придонесе за доброто и благосостојбата на секој граѓанин на Македонија.
Вклучени ли се македонските граѓански организации преку вашите програми и активности во проекти од регионален или поширок карактер? Која е Вашата улога во тој случај и колку успевате да ги трасирате предвидените патишта за подолг временски период? Во рамките на прекуграничниот проект за Парк Преспа (Македонија, Албанија и Грција), претставници на граѓански организации од трите земји се дел на Трилатералното тело за управување со Паркот Преспа, чија улога е да ги координира активностите на трите соседни земји во однос на планирањето на развојот и заштитата на животната средина во сливот на Преспанското Езеро. Преку овој проект, граѓанските организации од Македонија можат да соработуваат на теми на заеднички интерес и да градат стратешки партнерства со нивните колеги од Албанија и од Грција.
Граѓанските здруженија се исто така редовно инволвирани во активностите на проектот Контрола на малото оружје. Тие имаа свој претставник во Националното координативно тело за доброволно предавање на оружјето, беа и с$ уште се редовно инволвирани во медиумските и промотивните кампањи на проектот преку вклучување на нивни членови во некои од активностите. Транспарентност во работењето со граѓанските организации е постигната преку вклучување на нивни експерти во тектот на изработката на Законот за оружје, како и на подзаконските акти преку јавните дебати, кои беа организирани од страна на некои граѓански организации. Граѓанските здруженија коишто работат во областа на контрола на малото оружје се дел од СЕЕНЦА (South East European Network for Control of Arms) и се обидуваат за свои цели да ги имаат прашањата што се од голема важност за целиот регион.
Секако, сметаме дека сме на добар пат за трасирање подолгорочна и постратешка соработка за развојот на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Катерина Богоева
|